1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конгрес на СПД: корекција на курсот - свртување в лево

29 октомври 2007

СПД усвои програма која треба да даде одговори за новите предизвици - глобализацијата, промената на климата, новите војни и меѓународниот тероризам. Хамбуршката програма ја замени Берлинската донесена пред 18 години

https://p.dw.com/p/BxaB
Од вчерашното обраќање на претседателот на СПД Курт Бек пред делегатите на конгресотФотографија: AP

Со демонстративно единство германските социјалдемократи се обидоа да ја надминат сопствената несигурност предизвикана од лошите резултати во испитувањето на јавното мислење и од конкуренцијата од новата Левичарска партија. Делегатите на конгресот на СПД си заминаа охрабрени од Хамбург. “Мислам дека по овие три денови партијата стана помирна, посплотена. Со конгресов се подготвивме за изборите во 2009-та година, што на луѓето и на членовите им дава самоувереност на лице место повторно за овие содржини заеднички да дискутираат со синдикатите, здруженијата за општествена благосостојба, црквите. Мислам дека ова беше голем чекор напред” – рече еден од учесниците на Конгресот.

Негова партиска колешка нагласи: “Според мене, конгресот придонесе повторно повеќе да се дискутира - мирно и различно, но да се најде заеднички именител. Ова е убав сигнал за сите членови на СПД, кои беа многу разочарани, несигурни.”

Шефот на партијата Курт Бек, реизбран со преку 95 насто од гласовите, го погоди она што го посакува душата на партијата, која се’ уште страда од дополнителното дејство на реформската политика на екс-канцеларот и екс-партиски претседател Герхард Шредер. Во новата програма повторно се појави речиси заборавениот традиционален поим “демократски социјализам”.

Во новата програма - сеопфатни одговори на глобализираниот капитализам

Во програмата, усвоена речиси едногласно, не станува збор само за Германија, туку и за праведен светски поредок, рече Курт Бек: “Поредок во кој е јасно дека демократски легитимираните претставници на народот и нивните влади го имат клучниот збор, а не насоките да ги одредуваат анонимни сили на финансискиот свет”.

Во дебатата беше речено дека не смее теренот да им се препушти на неолибералите, оти тогаш ќе важи само правото на посилниот. Глобализацијата не смее да води до дампинг кај платите, работните услови и еколошките стандарди. Андреа Налес, потпретседател на партијата, вели дека СПД е првата социјалдемократска партија во Европа која во својата програма дава сеопфатни одговори на глобализираниот капитализам.

СПД сака повторно да се профилира и како мировна сила и да се надоврзе на традициите на Вили Брант. Како најважен сојузник, покрај Европа и САД, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер ја наведе и Русија. Русите, според него, се неопходни и за да се спречи нова трка во вооружување.

СПД ја отфрла таканаречената “борба на култури” и се искажа за еден вид заедничка “светска внатрешна политика” со силни ОН. Борбата против тероризмот не го става вон сила меѓународното право. Конгресот даде согласност за натамошно учество на Бундесверот во антитерористичката борба “Ендјуринг Фридом”, предводена од Американците. СПД е за преуредување на Бундесверот во армија на доброволци, а се определи и за минимален надомест од 7 ипол евра за работен час, за продолжено исплатување надомест за невработеност за постари работници, за приватизација на железницата со народни акции, и - на изненадување на многумина - за воведување ограничување на брзината на возење на германските автопатишта на 130 километри на час.

Бернд Греслер