1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оправдани сомнежи во Турција

Нина Веркхојзер/БГ5 февруари 2014

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган уште еднаш се обиде да добие поддршка за приближувањето на неговата земја кон ЕУ. Сепак, основната грижа на Ердоган се чини е неговата политичка судбина

https://p.dw.com/p/1B2re
Фотографија: Getty Images

Кога доаѓа во Германија турскиот премиер сака да ја игра улогата на загрижен чичко, кој води сметка за Турците надвор од земјата и нивните права. Ердоган не се двоуми многу дали да ја клоцне германската влада во потколеницата кога ќе се отворат проблеми меѓу нив. Многумина сѐ уште се сеќаваат на неговата споредба на асимилацијата како злосторство против човештвото. Децата во Германија чии родители имаат турско потекло мора најпрво да им се овозможи да го научат турскиот јазик, смета тој.

Овојпат, Ердоган не дојде за да ја критикува германската политика на интеграција. Тој дури и ја пофали Германија за тоа. Овој авторитарен моќник овојпат е далеку позагрижен за сопствената судбина во земјата. Затоа одбра да разговара во посмирен тон во Германија.

Ердоган е сѐ уште најмоќниот човек во Турција, а неговата конзервативна партија АКП доминира на политичката сцена. Но корупцискиот скандал и нападите на Ердоган врз полицискиот и правосудниот апарат му наштетија исто толку, колку и острата пресметка со демонстрантите во Гези паркот во Истанбул. Преговорите за членство во ЕУ се комплицирана тема, затоа што зборовите и делата на турската влада најчесто не одат едни со други. Делува како на Ердоган да му недостасува визија кога станува збор за подобрувањето на демократскиот развој во турското општество.

Празни пораки

Откако ја презеде власта во 2003. Ердоган редовно победува на сите избори. Опуштен по успесите, сега го мерка и претседателското место. Налето, Турците за првпат во историјата ќе гласаат за нов претседател. Доколку Ердоган планира да се кандидира ќе му бидат потребни и гласовите на Турците во странство. Во Германија живее најголемата турска заедница во Европа- повеќе од еден милион Турци имаат право да гласаат на изборите. Ердоган делуваше многу задоволен кога соопшти дека неговите сонародници ќе добијат можност да гласаат на седум места низ цела Германија. Најголемиот дел од тие луѓе го поддржуваат Ердоган. Како дел од неговата посета на Германија, беше одржана и средба на Ердоган со Турците кои живеат во Германија, а која беше рекламирана под мотото „Берлин се среќава со големиот мајстор“.

Како и да е, Ердоган не се претстави себеси како величина за време на посетата на Берлин. Неговата празна реторика во однос на посакуваното членство во ЕУ, делуваше повеќе како обврска. Тоа нема да ги убеди скептиците, како германската канцеларка Ангела Меркел. Таа ја повтори загриженоста за можноста Турција да стане членка на ЕУ, а последните случувања ги оправдуваат нејзините сомнежи.