Комеморација за жртвите од Холокаустот во Скопје
8 април 2013Во Меморијалниот центар на Евреите во Скопје денеска беше одбележан Јом Ашоа - Националниот ден на холокаустот што државата Израел го одбележува во знак на сеќавање на востанието на Евреите во Варшавското гето во 1943 година и на шесте милиони Евреи убиени во Холокаустот.
„Нека поменот на шесте милиони невини жртви од кои еден милион деца ни биде основа во грижата и совеста на младите генерации да им овозможиме да научат за Холокаустот и за страдањата од Втората светска војна. Само така младите може да извлечат морална порака и на адекватен начин да се соочат со предизвиците на модерните времиња и да ги задржат традиционалните вредности на живеење во заедници и верскиот соживот“, рече во обраќањето пред присутните Берта Романо-Николиќ, претседателката на Еврејската заедница во Македонија.
Комеморацијата се одбележа со промоција на книгата „Ти веруваш - 8 погледи за холокаустот на Балканот“ од Леа Коен и со палење свеќи. Шесте комеморативни свеќи ги запали Бехар Израел најстариот член на заедницата кој го преживеа холокаустот.