Сѐ е подготвено за митингот „Македонија силна!“
18 мај 2015Се е подготвено за почетокот на митингот под мотото „Македонија силна!“, во организација на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, кој вечерва во 20 часот ќе започне пред Собранието на Република Македонија. Пред Триумфалната порта е поставена големата бина од која, според најавите, вечерва ќе се обрати премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а свое обраќање ќе имаат уште неколку говорници. Блокирани се речиси сите улици кон Собранието, поставени се заштитни огради и моќно озвучување.
Груевски деновиве изјави дека собирот има за цел ја покаже поддршката од граѓаните за државата во овие тешки моменти, поддршката за сите кои се борат за Македонија, за безбедносните сили и за сите кои вложуваат напори Македонија да излезе од оваа криза.
Поддржувачите на владините политики на митингот му припишуваат и референдумски својства, односно дека масовноста ќе покаже кој има поголема поддршка во јавноста - власта или опозицијата.
„Граѓаните кои се против оваа дестабилизација на земјата, кои се против ова сценарио на опозицијата што направи хаос и отвори простор и за безбедносна дестабилизација, токму тие граѓани ќе дојдат вечерва да се изјаснат дека се за стабилна и силна Македонија“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека нема дилема оти митингот ќе има масовна поддршка, многу помасовна од онаа на опозицијатa.
Првите автобуси со приврзаници на владините политики почнаа да пристигнуваат во Скопје. Од Штип тргнале 45 автобуси, слична бројка и од Битола и Прилеп, од Охрид двесетина автобуси и 30 комбиња, колку што се очекуваат и од Велес, Кавадарци и други општини.
Европарламентарецот Ричард Ховит, кој е еден од тројцата европратеници посредници во преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Брисел, ќе го набљудува вечарашниот провладин митинг на ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера присуствуваше на антивладиниот протест.
„Јас сум тука за да набљудувам и нема да се обидам да лоцирам вина кај едната или другата страна, бидејќи тоа не е одговорно однесување кога сте дел од посредништвото кое треба да ја разреши политичката криза“, рече Ховит. Тој во друштво на членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров и Илија Димовски, денеска ја посети локацијата каде што течат подготовките за вечерашниот собир.
Ховит по митингот вечерва заминува во Стразбур, каде со двајцата колеги Иво Вајгл и Едвард Кукан утре ќе посредува во разговорите меѓу Никола Груевски и Зоран Заев.