Колку е штетно млекото?
5 ноември 2014Девојче со „брада“ од пиење млеко се смешка пред камера со чаша млеко в раце, а покрај нејзе - полн бокал. Омилен рекламен мотив. Исто како што е омилен мотив млекото да се меша со други состојки за да се добијат здрави житарки за појадок. На екраните секојдневно има вакви слики. Притоа асоцијацијата е - кога има млеко внатре, здраво е!
Голема студија, малку содржина
Една шведска студија сега, колку тоа да звучи претерано, фрла сонеж врз корисноста на млекото и тоа во неговата чиста форма, а не како додаток на житарки и слично.
Истражувачите од универзитетот Упсала во временски период од 20 години набљудувале 61.000 жени, како и 45.000 мажи во временски период од 11 години и се обиделе да ја документираат поврзаноста на конзумирањето млеко со поголемата смртност и почестите скршеници на коските.
Резултатот гласи: стапката на смртност кај испитаниците кои дневно пиеле по три чаши млеко или повеќе била повисока од просечната. Бројот на скршеници на коските, меѓутоа, бил повисок само кај жените кои пијат многу млеко, а не и кај мажите.
Екард Хојзер од Здружението на млечната индустрија во Берлин, ги критикува шведските истражувачи поради нивниот пристап: „Опсервациски студии како оваа се спроведуваат за само грубо да се проверат одредени сомнежи.“ Од студијата се извлечени погрешни заклучоци, додава Хојзер.
Дури и Карл Михаелсон, еден од коавторите на студијата, предупредува да не се извлекуваат избрзани заклучоци: „Не можеме да кажеме дека ова е исклучиво предизвикано од конзумирањето млеко. Млекото е само дел од сложувалката.“
Првиот осомничен
Истражувачите од Шведска најверојатно веќе го имаат идентифкувано првиот потенцијален осомничен во оваа сложувалка, Тие претпоставуваат дека е тоа Д-галактозата, шеќер кој главно се наоѓа во кравјото млеко. Глувците и стаорците на кои им била дадена оваа супстанца старееле побрзо и умирале порано. Притоа, количеството кое било давано одговара на две чаши млеко. Шведската студија тврди дека нема проблем со млечните производи, како сирење или јогурт. „Ферментираните млечни производи, во споредба со нормалното кравјо млеко, имаат значително помало количество Д-галактоза“, вели Михаелсон.
Хојзер се сомнева дека резултатот од овој експеримент со животни важи и за човекот. „Се разбира дека едно животно умира порано ако добие натпросечно многу шеќер.“ Но таа граница луѓето кои пијат три чаши млеко дневно не ја достигнуваат. Притоа мора да се каже дека ова количество за возрасен човек не може да се опише како нормално. „Ако обвинувањата за Д-галактозата се точни, тогаш жените не би смееле веќе да дојат“, вели Хојзер, зашто вредноста во човечкото мајчино млеко дури ја надминува онаа во кравјото млеко.
Отворени прашања
Има уште многу потреба за истражување, велат и самите шведски научници. Студијата се потпира, на пример, само на сопствените наводи на учесниците. Освен тоа, би требало да се вклучи и влијанието на многу други фактори кај испитаниците, како навиките на јадење и пиење, спортувањето или пушењето. Мора да се наведе и дека испитаниците биле сите на различна возраст. Меѓутоа, Михаелсон оценува дека резултатот од студијата треба да се земе како повод за натамошно истражување: „Ние не можеме да дадеме препораки за конзумирањето млеко кои ќе се засноваат само на оваа студија. Мораме да ги анализираме многу претпазливо резултатите. Со нашата студија станува јасно дека ни се неопходни поголеми истражувања.“
Сол на рана
За млечната индустрија резултатите се сепак фатални, потенција Хојзер: „Ќе ни бидат потребни години за да го отстраниме лошиот впечаток.“ Сепак, студијата, како што додава Хојзер, има и нешто позитивно: „Општеството се интересира многу за исхраната. Добро е што се зборува за млекото.“
Значи, кога наредниот пат ќе седнете со чаша млеко да гледате реклами, можете и натаму да му наздравувате на девојчето со „брада“ од млеко.