1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коледе во зградата на Синдикатот

6 јануари 2017

Министерството за труд го поништи решението со кое Живко Митревски е разрешен од претседател на ССМ. Од четирите најголеми синдикати велат дека намерата е да направи т.н. „жолт синдикат“ врзан со власта.

https://p.dw.com/p/2VO2k
Mazedonien Brauch Weihnachten Heilig Abend Tradition Kolede Badnik Bozik
Фотографија: DW/Sveto Toevski

На температура под нулата, во студениот хол на синдикалната зграда, цела ноќ останаа членови на четири грански синдикати, со цел да спречат разрешениот претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Живко Митревски, да ги исели од таму. Додека тие го бранеа синдикатот „од координириот атак на власта и Митревски“, постојано ѕвонеа телефони со пораки за поддршка од граѓани и синдикалци од целата земја. Дел од нив беа оневозможени да им се придружат во Скопје, поради блокадите на повеќе патни правци предизвикани од проблеми со снегот.  

Разрешениот претседател Живко Митревски на огласната табла на ССМ објави дека со одлука на седница од 28.12.2016 ги отповикува од членство четирите синдикати, а воедно со ангажирање камион, општи работници и магацински простор сака да нѐ исели од зградата. Ние тоа не го дозволивме, го известивме членството и се собравме за да го одбраниме синдикатот,“ рече  в.д.претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Zivko Mitrevski Gewerkschaften Mazedonien
Живко Митревски отповикува од членство четири синдикатиФотографија: DW

МТСП: Митревски е легитимен претседател 

Насобраните синдикалци не палеа огнови за Коледе. „Огнот“ им го запали Министерството за труд и социјална политика (МТСП), кое соопшти дека го поништило решението со кое претседателот Живко Митревски е разрешен од должноста претседател, а за нов претседател избран Дарко Димовски. Од увидот во доставената документација, се утврдило дека 12 синдикални организации потврдиле оти до нив не била доставена иницијатива за промена на раководството на ССМ. 

„Ниту еден од нивните членови не присуствувал на седницата на советот на ССМ одржана на 13.11.2016 година што е спротивно на статутот и деловникот за работа на ССМ. Исто така, во своите известувања членовите на овие синдикални организации изразуваат безрезервна поддршка на легитимно избраното рaководство и на претседателот на ССМ. Според ова, евидентно е дека е донесено нелегитимно решение за промена на претседателот во нелегална процедура“, се вели во соопштението од МТСП.

Синдикалците собрани во зградата, велат дека разрешениот Митревски не е, ниту може да остане легитимен претседател на ССМ, бидејќи и на Министерството му подметнува невалидни податоци. 

„Треба да се прави разлика: синдикати се едно, а синдикални организации - друго. На седница на Советот, кој е највисоко тело на ССМ, не гласаат претседатели на синдикални организации, туку претставниците на синдикати, кои се членови на Советот. Тврдиме дека Митревски не е сменет спротивно на Статутот. Напротив, Митревски е тој што работи спротивно на Статутот, бидејќи три години не ги почитува измените на Статутот од 2013. година, со кои е предвидено синдикатите со повеќе членови да имаат и повеќе гласови“, објаснуваат синдикалците.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Сакаат жолт синдикат

Посочените 12 синдикални организации кои го поддржуваат Митревски, според претставниците на четирите синдикати, се со најмалобројно членство, а на удар се токму нивните четири, најголеми гранкови синдикати, кои го претставуваат речиси половина од членството на ССМ: Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), на работниците од индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР), на работниците во угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните работилници (СУТКОЗ) и на работниците од агроиндустрискиот комплекс (АГРО-синдикат). Велат дека ќе останат во синдикалната зграда сѐ додека Централниот регистар не ги впише промените во раководството на ССМ што тие ги изгласале лани на 13. ноември, а кои претходно исто така биле потврдени со решение на Министерството за труд.

„Дарко Димовски беше избран за претседател на ССМ, тоа беше потврдено со решение на Министерството за труд, а Централниот регистар не смее да ја кочи работата, туку да го почитува решението на министерството и да ги впише промените“, децидни се синдикалците.

Поради непостапување на Централниот регистер по решение на државен орган, адвокатскиот тим на четирите синдикати поднесе кривични пријави за директорот на Централниот регистер, главниот регистратор и регистраторот кој работел на таа проблематика.

Пеце Грујовски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, вели дека намерата на Митревски  е да се избркаат најголемите и најмоќни синдикати.

Сака да направи таканаречен 'жолт синдикат', кој ќе се занимава единствено со самиот себе, кој ќе биде врзан со власта и само ќе собира членарина, но нема да се занимава со проблемите и правата на работниците“, реагира Грујовски.

Во холот на синдикалната зграда можат да се слушнат многу критики за работата на Митревски. Меѓу последните е дека ангажирал приватно обезбедување, кое за десет дена потрошило 72.000 денари од синдикалната каса. В.д претседателот на ССМ, Димовски, го раскинал тој договор.

Но, сега кога Министерството за труд повторно го враќа Живко Митревски во претседателската фотелја на ССМ, за четирите синдикати не е проблем само одлуката за нивно иселување и исклучување од членство на ССМ. Велат дека брзо ќе ги соопштат следните чекори.