Кога фудбалот ја менува државата!
16 јули 2014Додавањето од Ширле Геце го прифати на гради, потоа следуваше шут во скок директно во аголот. Гол. Победа! Титула светски првак! Паметни луѓе кои се занимаваат со прашањата кои сме, од каде доаѓаме и зошто сме ние, какви сме ние, најверојатно за неколку години ќе потврдат: Оваа голема емоционална прашина од Рио ја промени Германија, ако ништо друго барем малку. Таа го сврте вниманието, не само од фудбалски аспект. Цела Германија е во фокусот. Сликата за нас Германците во странство се смени. Добро сме прифатени и го забележуваме тоа со значително задоцнување. Ние добиваме претстава за тоа што сакаме да бидеме, што можеме да бидеме.
Товарот на историјата
Долго време се занимававме само со тоа што не сакаме да бидеме. Надворешно-политички сакавме пред сѐ да не бидеме впечатливи. Од историски прични ние бевме јуниор-партнер на нашите западни партнери. Понекогаш речиси незадржливо. Се ориентиравме на негации: никогаш повеќе војна, никогаш повеќе фашизам, никогаш повеќе Аушвиц. Црно-црвено-жолто (боите на националното знаме, н.з.) и националната химна за широки слоеви на генерацијата внуци на сторителите беа срамни, или барем најмалку не беа кул. Обележјата на германската политика во изминатите децении беа доцни одговори на едно страшно минато. Вили Брант се поклони на колена во Варшава, Хемут Кол се држеше за рака со Франсоа Митеран, или говорот по повод 8. мај на Рихард фон Вајцекер. Дури и падот на Ѕидот беше неопходна коректура на историјата.
Ние стануваме возрасни
Меѓутоа нешто се менува. Политичко-историската згрченост попушта. Германија се вежба во сопствена надворешна политика. Нема повеќе криење, треба да се покаже став, да дури и да се преземе одговорнoст. Докази? При кризниот менаџмент за еврото главниот товар лежи на рамењата на Ангела Меркел. Франција заслабнува, а оската Париз-Берлин се одржува пред сѐ од Германија. Во Брисел канцеларката е тајна кралица во Европа и во руско-украинската криза зборот на Меркел има тежина кај Путин - многу повеќе отколку тој на Обама.
И дури и питомиот, речиси понизен став на Берлин во однос на големиот брат од Вашингтон се чини дека конечно омекнува. Поминаа само неколку денови откако Ангела Меркел побара шефот на тајните служби на САД во Германија да ја напушти земјата. Светот се чуди. Германците се сериозни. Не дозволуваат повеќе сѐ. Партнерството со САД во моментов одново се дефинира.
Германија одново се пронаоѓа
Победата од Берн 1954 година за многумина претставува всушност формирање на Сојузната Република, титулата во 1974 година одговараше како крај на ерата Брант, во која се направи чекор кон повеќе демократија. Победата на Светското првенство во 1990 година беше победа на волјата и дојде само неколку месеци пред германското обединување. Големите фудбалски трофеи секогаш беа и метафори за германското чувство за животот, обележја за тоа што сакаме да бидеме. И сега џиновите од Рио.
Германскиот фудбал, момците на Јоги се симбол за симпатична Германија. Една созреана земја, од која никој повеќе не се плаши. Екипа, која при успехот со почит се однесува кон поразените. Англичани, Бразилци, Кинези се нашите сведоци. Одушевувачки во играта и скромни во успехот. Начинот на кој беше освоена четвртата ѕвезда би можел на Германија и на Германците да им даде идеја за тоа што сакаат да бидат. Со симпатии да бидат прифатени во светот. А дома? Никогаш не била толку голема идентификацијата на Германците со својата национална репрезентација. Фудбалот е најголемиот социјален капитал на Германија, китот кој го држи општеството заедно.