Кога посетата на Пекинг ќе прерасне во работна посета
8 јули 2014Две работи ќе останат во сеќавање од оваа посета на канцеларката на Пекинг: дека токму покрај кинескиот премиер Ли Кечијанг мораше да го критикува американското истражување на истражната комисија за НСА и дека германските претставници од економијата очигледно се на мислење дека би морало да се стори нешто за „попозитивно известување“ за Кина. Со сета почит за, во меѓувреме неопходниот, економски партнер: германските претпријатија би требало да знаат дека медиумите во Германија функционираат поинаку отколку во Кина - не се управувани од политиката, туку независно и се обврзани кон своите корисници.
Институционализирани односи
Тоа што посетата на германската канцеларка на Пекинг, покрај овие помали настани, продуцира малку ударни наслови е знак за сѐ потесни односи меѓу двете држави. Она што до вчера се сметаше за невообичаено, денес е речиси нормално. Притоа не беше разбирливо само по себе, при посетата на Mеркел на Пекинг да се слушнат почесни истрели на плоштадот на Небесниот мир. Не секој државник добива такви почести. А тоа што свеченото потпишување на економските договори во износи од милијарди во меѓувреме стана составен ритуал од канцеларските посети на Кина, не им ја одзема нивната вредност. Посетата на канцеларката Меркел се движеше во размери на очекувањата: форуми за дијалог, економски разговори, посета на провинцијата, говор пред студентите - и најверојатно зад затворени врати биле споменати и прашањата за човековите права. Седмата посета на канцеларката на Пекинг покажува: работните посети на Пекинг во меѓувреме се спроведуваат со слична рутина, како и работните посети на Франција. Тие изнадувачки многу се институционализираа.
Дали „златните години“ се минато?
Тоа е добро, оти постои можност на германско-кинескиот тандем, поттикнат од економијата, да му претстојат тешки времиња. Претседателот на Европската трговска комора во Кина предупредува дека „златните години во Кина“ се минато. И иако премиерот Ли Кечијанг на заедничката прес-конференција со Меркел самиот зборуваше за човековите права, расте притисокот врз опозиционерите во внатрешноста. Исто така и нанадвор растат затегнатостите, на пример во Јужното и Источнокинеското Море.
Тоа сигурно беше случајност. Но посетата на Меркел на Кина се совпадна со 77-годишнината од почетокот на јапонската инвазија на Кина. Претседателот Ши Џинпинг учествуваше на свеченостите. Сеќавањето на јапонските воени злосторства, кои, факт е, беа страшни, овие денови исполнуваат една политичка цел - надворешниот непријател треба да ја обедини нацијата зад КП на Кина. Истовремено треба да биде зајакната кинеската позиција во спорот околу Сенкаку/Диаоју островите.
Исто така, случајност е што еден ден пред Меркел да замине од Пекинг започнува американско-кинескиот стратешки и економски дијалог. Тука се пристапува значително поконтроверзно отколку при разговорите на Меркел. Со оглед на сѐ поофанзивниот и поагресивен настап на Кина нанадвор „Вашингтон Пост“ пишува дури и за најлошите односи по Риџард Никсон. Берлин сѐ уште може да зазема позиција на средина. Но, доколку латентните конфликти ескалираат, Германија ќе мора да заземе позиција.