„Мислам на луѓе кои не нѐ нарекуваат четници“
12 декември 2018Јована: „Со право ги уверував своите пријатели дека нема причина за страв“
„Во Хрватска одиш сама? И, не се плашиш?“, ме прашуваа некои пријатели пред моето заминување за Осијек. Во ниту еден момент не помислив на страв. Тогаш ми велеа: „Па, добро, но знаеш, Срби и Хрвати... Нашето минато, војни...“ „За тоа не размислувам на тој начин, а и минаа веќе 27 години“, им одговарав.
Знаев дека Осијек претрпе воени разурнувања две години по моето раѓање, но знаев и дека одам таму каде што живеат луѓе чијашто држава некогаш се викаше исто како и мојата и луѓе кои зборуваат ист јазик. Со право ги уверував своите пријатели дека нема причина за страв. Видов дека во Осијек живеат луѓе со исти обичаи како моите, дека немаше никакви проблеми кога по говорот препознаваа дека сум од Србија, зашто Хрватите имаат малку повеќе букви „Ј“, а ние малку помалку.
Кога стигнав во Осијек, се чувствував како да не сум ја напуштила Србија, како тоа да е дел од мојата татковина, без оглед што минувам граници и што морам да го покажам својот српски пасош. Таму со никого не разговарав за несреќните војни. Ме прашуваа за родниот град Врање, за тоа каков е и дали има сличности со Осијек, зборувавме за мојата новинарска професија. Навечер заедно го набљудувваме и го коментиравме преубавиот Осијечки мост кој, инаку, ги менува боите. Не го ни допревме грдото минато.
На двете страни е видлив низок животен стандад и, за жал, на двете страни - иселување на младите кои се во потрага по поубава иднина. Заклучив дека судирите и немирите меѓу Србите и Хрватите во голем дел ги подгрева политиката, тоа медиумите го пренесуваат од причини кои не сакам ни да се обидам да ги разберам.
По доаѓањето во Осијек, Срѓан ме однесе на вечера кај својата пријателка Љиља, која има седумгодишен син Лука. Тој ни покажа како успешно ги имитира движењата на Мајкл Џексон, а неговиот перформанс доби позитивни критики од моите пријатели на мојот Инстаграм-профил. Домашните кифли и сармите на Љиља беа со ист вкус како оние на мајка ми во Врање.
Кога ќе помислам на Хрватска, на Осијек, град во којшто престојував шест дена, кога ќе помислам на Хрватите, прво помислувам на својот пријател Срѓан, кој беше најдобар домаќин во Осијек, помислувам на Љиља и малиот Лука со кого играв видео-гра слична на Супер Марио, на продавачките во пекарницата кои љубезно се насмевнуваа кога им барав „пита со спанаќ и кисело млеко“, иако не велев „млијеко“, помислувам на луѓето чии лица се уморни од политика, на луѓето кои Србите не ги нарекуваат четници. Ги има.
На крајот, помислувам и на Србите кои Хрватите не ги нарекуваат усташи. Нѐ има.
Срѓан Сандиќ: Една недела во градот на „мртва култура“
Врање е интересен град. Град на преломи. Град на култура која е на исчезнување, град на мртва култура, на изгорен театар, град кој инсистира на „традиција“, на далечно минато.
Извонреден пример е за лоша економска и политичка транизиција. Севдахот му е доминантна уметничка форма, во поширока смисла, која, секако, влијае на обликување на јавниот дискурс. Севдахот се живее во медиумите, се „страда“ по минати времиња, се сонува за „подобар“ живот. Или пак се конфабулира (дополнување на празнини во сеќавањето со измислени детали и фиктивни епизоди, н.з.) во вучиќевски манир, дека сега е подобро, дека решението на политичко-економските прашања е „на чекор до“.
Младите луѓе се тие кои го чувствуваат сиот ужас на бесперспективноста. Се сонува за заминување, или се обвинува одредена „авет“ (Западот, Алабанците, „мрзеливите Срби“, католицизмот, недоволноста на Мајка Русија...) за состојбата во којашто се.
Моето патување во Врање, пак, беше обоено со размислување за големиот автор Бора Станковиќ, за контекстот на неговото пишување, за текстот којшто го создал, за антиципацијата која се оживотворила. Немав други очекувања. Затекнав филџани со неговото име, беџеви, но и изгорен театар кој шест години не е поправен, не е ревитализиран. Театарот го носи неговото име. Изгорел како и неговите списи. Делува како руината да ќе остане трајна, иако ветуваат дека ќе се подигне нова сцена. Градските власти не процениле дека културата е нужно потребна за функционирање на заедницата, дека вложувањето во истата е вложувањето во динамичноста на општествената слика, во условно речено - елементарната хигиена. Уметниците работат во антиуслови, а знаеме дека односот на заедницата кон своите уметници како добар индикатор покажува колку одредено општество е зрело, односно не е зрело.
Повеќето мали градови во регионот, баш како и Врање, „дишат“ на ист начин: општествениот живот е сведен на кафеана, кафуле и презентација на клучните локации, доколку припаѓаш на младина која работи или на групата средовечни. Во Загреб тоа е „шпица“, во Врање - „центар“. Во Осијек тоа е „променада“ или Тврѓа.
Излишно е да се зборува за разликите во културните и секојдневните практики на Србите и Хрватите, тие во најголем дел се медиумски конструкт, значително помалку се културолошки. Животната пракса и секојдневните ритуали се повеќе од слични, ако не и целосно идентични. Политиката на секојдневието е вулгарна за „обичниот“ човек, за таа трајна и вечна жртва на ова поднебје. Тој не може и не знае да го конзумира совремието. „Секојдневието“ е осмислено за „современиот човек“, кој пак, како сопственичката на хостелот во кој отседнав ќе биде збунета со е-сметката, па поради својата збунетост ќе одбие да ја уважи и ќе бара „вистински“ пари.
Во мојата мала „анкета“ која ја спроведов меѓу младите луѓе, односно својата генерација, може да се насети дека познавањето на поновото политичко минато е во голема мерка условено од медиумските информации, кои, главно (ако ги земеме предвид мејнстрим медиумите) се изманипулирани до невкус. Сите информации кои се изигнорирани од медиумите, ми се чини, се и единствените за кои треба да се разговара. Меѓутоа, и тоа е заедничка карактеристика на „нашите“ млади, ем луѓе, ем медиуми, ем наука. Зарем не?