1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Кога во Берлин беа палени книги

10 мај 2004

Пред 85 години на денешен ден низ Германија гореа клади со литература, која национал-социјалистите ја отфрлаа како „негерманска“. Многу студенти одушевено учествуваа во акцијата.

https://p.dw.com/p/Af0e
Deutschland Nazi-Bücherverbrennung  (1933)
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

На 30 . јануари 1933 . година Адолф Хитлер стана германски канцелар. Иако историчарите тврдат дека неговата и воопшто позицијата на национал-социјалистите на почетокот воопшто не била стабилна, веќе во првите месеци се покажува правото лице на диктатурата. Палењето на книгите на денешен 10. мај 1933 . година беше една од првите јасни индиции во таа насока. 

Симболична акција

„Предадете му на огнот се што не е германско. Против класната борба и материјализмот, а за заедница на народот и за идеалистичкиот начин на живеење: му ги предавам на огнот списите на Карл Маркс и Кауцки!“

Берлин 10. мај 1933. година. Како што гореа јавни огнови во главниот град Берлин, слично се случуваше во многу места ширум Германија, пред сѐ во универзитетските градови. Германската литература на овој начин требаше да биде прочистена од сѐ што на новите властодршци не им одеше во прилог. Акцијата траеше повеќе недели, а проголта стотици илјади книги.

Организаторите на палењето книги во целата акција гледаа симболичен чин на прочистување. Како што на огнот му се припишува прочистувачко дејство кога се во прашање болести како чума и други епидемии, така требаше со ова да се уништат духовните темели на Вајмарската република, длабоко омразена на национал-социјалистите. Министерот за пропаганда Јозеф Гебелс во еден подоцнежен говор акцијата ја нарекува “внатрешно и надворешно прочистување на нацијата“.

Deutschland Nazi-Bücherverbrennung  (1933)
Акција чие значење многумина не го сфатијаФотографија: Getty Images/Keystone

Без отпор

Против палењето на книгите во земјата речиси немаше никаков отпор. Издавачките куќи и книжарите реагираа опортунистички, а образованите слоеви на општеството целата акција ја сведоа на „студентски мамурлук“. И во странство палењето на книгите се набљудуваше со мал потсмев и љубопитство, а се сметаше за „израз на студентска пренагленост“.

Меѓу помалиот број интелектуалци и писатели, кои сепак успеаја да ја сфатат политичката заднина на она што се случува, спаѓа и Нобеловецот Томас Ман, кој веднаш во 1933-та емигрираше прво во Швајцарија, а подоцна во САД. Кога Универзитетот во Бон му ја одзеде титулата почесен доктор на науки, Ман во одговор му напиша на деканот: „Не можев ни да сонувам дека постарите години ќе ги минам во нужно неопходен протест како емигрант, со одземен имот и обесчестен во татковината!“

И неговата колешка, писателка, Рикарда Хух, ја препозна заканувачката опасност и своеволно истапи од Пруската академија на уметноста. Во писмото од 9. април 1933., значи уште пред палењето на книгите, таа нагласи: „Она што сегашната влада го пропишува како национално освестување, тоа не е моето чувство за германскиот народ. Централизацијата, принудата, бруталните методи, нападите и дискредитирањето на оние кои мислат поинаку, како и нападното самофалбаџиство ги сметам за негермански.... Со ова го објавувам моето повлекување од Академијата!“

Два месеца претходно Хитлер му го вети следното на германскиот народ во Берлинската палата на спортовите:

„Германски народе, дај ни четири години и ти се колнам дека така како што дојдов на власт, така и ќе си заминам!“

Тешко на оние кои му поверуваа!