1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон: Хрватска е регионален лидер

СН/ЖА/миа22 март 2012

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон ја пофали Хрватска за напредокот на патот кон ЕУ и за водечката улога во регионот.

https://p.dw.com/p/14Oxq
Фотографија: picture-alliance/dpa

Хрватска е лидер во Југоисточна Европа и полноправна членка на трансатланската заедница, со која САД заеднички ќе работат на решавање на глобалните проблеми, изјави синоќа (21.03) во Вашингтон американскиот државен секретар Хилари Клинтон пред состанокот со хрватскиот министер за надворешни работи Весна Пусиќ.

Таа истакна дека САД ги поддржуваат бројните реформи кои Хрватска ги спровела за да стане полноправна членка на трансатлантската заедница.

Го поздравуваме напредокот на Хрватска на патот кон ЕУ и водечката улога која ја има во регионот, нагласи Клинтон на заедничката прес-конференција со Пусиќ, додавајќи дека „заедничката работа на решавање на останатите проблеми останува траен предизвик“.

Според Пусиќ, Хрватска може да придонесе за стабилизација на целиот регион, што е заеднички интерес на Загреб и Вашингтон. Таа им заблагодари на САД за постојаната помош во изградбата на функционална држава и општество, решавање на проблемите и поддршката за Хрватска на патот кон ЕУ. Како што наведува хрватската новинска агенција ХИНА, теми на средбата биле и состојбата во регионот на Југоисточна Европа, ангажманот на Хрватска во НАТО и укинувањето на американските визи за граѓаните на Хрватска.

Пусиќ, која престојуваше во дводневна посета на САД, е прв член на новата хрватска влада кој е повикан во Вашингтон и тоа неполни три месеци по нејзиниот избор, што се толкува како потврда на важноста која американската администрација им ја придава на односите со Загреб, наведува ХИНА.