Кинескиот „Пат на свилата“ не ги плаши Италијанците
25 април 2019„Дефинитивно не е добар погледот од мојот прозорец, но носи нови работни места и тоа е плус!”, вели Марко Мајета на пазарот во северноиталијанското гратче Вадо Лигуре. На помалку од сто метри се наоѓа плажата. Средина на април е, никој не плива, никој не се сонча. Од далечината доаѓа звук од огромната постројка со кранови кои се дел од терминал за контејнери кој што е во изградба.
Виторио Бокалате е видно восхитен од тоа како напредува градежниот проект. Пред еден од сините кранови инжењерот ни објаснува дека тоа е првиот полуавтоматски терминал за контејнери во Италија. „Штом биде пуштен во употреба, сите контејнери автоматски ќе може да се префрлаат од мостот до магацинот или обратно и да се транспортираат и сортираат”. Товарењето и растоварувањето на бродовите, возовите или камионите ќе мора да се прави мануелно, вели тој за ДВ.
Почеток веќе кон крајот на годината
Ако се оди како подмачкано, првиот брод со контејнери треба да биде опслужен на новиот терминал уште кон крајот на годинава. „Тоа што воопшто е можно навремено испорачување им го должиме на нашите лиферанти во Шангај”, вели Бокалате. Не се работело за поединечни постројки со кранови, туку цел синхронизиран систем. „Таа кинеска фирма е клучна за нашиот проект.” Покрај компанијата ЗПМЦ има и други кинески фирми кои се вклучени во изградбата на новото пристаниште. Коско Шипинг заедно со холандската сестринска фирма на данскиот гигант Маерск, АПМ, раководат со градежните работи и функционирањето на постројката. Менаџерот на АПМ Паоло Корнето вели дека неговата компанија уште пред инвестицијата на Коско во 2016 успешно соработувала со кинески концерни. По достигнувањето на целосните капацитети, во Вадо Лигуре годишно треба да поминуваат околу еден милион контејнери и да се создадат 400 работни места.
„Не се плашиме од Кинезите”
За мало гратче како Вадо Лигуре со 8 илјади жители создавањето на 400 работни места не е за потценување. Вадо Лигуре се наоѓа на само 50 километри од големото пристаниште Џенова и всушност е дел од традиционално индустриски регион. Многуте економски слаби години во Италија предизвикаа загуба на многу работни места. Градоначалникот Моника Џулијано објаснува дека на градот од тие причини му се итно потребни инвестиции, особено во пристаништето. „Тоа не е само порта кон Средоземно море, туку и за товарни пратки од цел свет”, вели Џулијани за ДВ.
Повеќе:
-Новиот пат на свилата и опасна инфилтрација на Кина во Европа
-Пат на свилата: Кина има план и нема да се откаже
-Италија се приклучува кон кинескиот „Пат на свилата“
46-годишната градоначалничка која е порасната во Вадо Лигуре, се радува за кинеското учество во развојот на пристаништето. „Силен партнер” кој носи нови шанси и свежи пари; благодарение на договори и закони не треба да има загриженост за можна должничка стапица или за работните услови - тоа што е вообичаена критика на сметка на кинеските инвеститори. „Не се плашиме од Кинезите. Желба ни е да го реализираме планот.”
Дури и локалните дуќанџии не се загрижени поради Кинезите. Наместо тоа ние многу повеќе размислуваме како побрзо да се креираат нови работни места, објаснува Данило Кауза од синдикатот ЦИСЛ. „Не, апсолутно нема никаков страв од Кина. Тие доаѓаат овде, вложуваат пари и заработуваат. За нас се најважни нови работни места. Тие исто така мораат да ги почитуваат законите и работничките права."
Во писмен одговор на прашања од ДВ истото го нагласува и Коско. „Преку нашите инвестиции треба да им се осигураат подобри шанси за развој на регионите. Целта е да се активира целиот индустриски синџир и да се креираат што повеќе работни места. Така ќе имаме вин-вин ситуација и за нас и за локалната заедница. Ние сме уверени дека кинеско-италијанската соработка во рамки на проектот "Патот на свилата" ќе биде се поуспешна и ќе стане се попопуларна кај италијанскиот народ."
Критики од Брисел и Берлин
За време на посетата на кинескиот претседател Ши Џинпинг кон крајот на март во Рим, Италија и Кина потпишаа писмо за намери. Со тоа оваа европска земја стана првата членка на Г7 која се приклучи на амбициозната иницијатива за „Патот на свилата". Неделава италијанскиот премиер Џузепе Конти оди во Пекинг за да учествува на таканаречениот „Самит на Патот на свилата".
Во ЕУ доста критички се гледа на овој италијански потег. Брисел стравува дека Рим ќе стане економски и политички зависен од Кина, што може да го поткопа и суверенитетот на Европа, предупредува еврокомесарот за буџет, Гинтер Етингер. И германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас предупреди дека краткорочниот лукративен договор може да остави „горчлив вкус" на долг рок. Но, се чини во Италија речиси никој не е загрижен поради заедничката иднина со Кина. Џијан Енцо Дучи, претседател на бродската федерација „Федерагенти“ за ДВ вели дека италијанските бродари гледаат голем потенцијал за раст во кинеските инвестиции. „Кина има голем интерес за регионите околу Џенова или Трст. Тоа значи дека ако сега сериозно инвестираме во нашата железница, нашите пристаништа нема да бидат само порта за Кинезите кон Северна Италија, туку и кон Централна Европа, како Швајцарија или Јужна Германија."
Во Вадо Лигуре, каде што со години влегуват кинески инвестиции, пристаништето кое се развива може да биде позитивен пример за италијанските амбиции во однос на „Патот на свилата ". Луѓето тука се навистина од доверба, вели Вилма Калвини: „Ние немаме никаков проблем со Кинезите. Тие се добредојдени со нивните пари!"