1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина ја открива и Јужна Америка

Ф.Кајлут/А.Пранге/сн23 мај 2015

Кинескиот премиер Ли Кечијанг придружуван од голема економска делегација е на турнеја низ Бразил, Колумбија, Перу и Чиле. Тој во Бразил најави огромни инвестиции во регионот.

https://p.dw.com/p/1FTks
Фотографија: Getty Images/AFP/Evaristo Sa

Посетата на кинескиот премиер Ли Кечијанг на Бразил означува почеток на нова епоха во трговските односи на двете земји. Потпишани беа 35 договори за соработка, вредни повеќе од 50 милијарди долари.

Најголем проект е т.н. Трансокеанска железница чија изградба би требала да чини десет милијарди американски долари. Со неа бразилскиот атлантски брег треба да се спои со перуанското пристаниште „Пуерто Ило“ на Тихиот океан, а трасата би проаѓала преку целиот континент. Само на територијата на Бразил пругата би била долга 4400 километри.

По тој пат би требало за Кина да се извезуваат производи како соја, житарици и железна руда. „За Кина е од одлучувачко значење тоа што може да се потпре на увозот на суровини од Латинска Америка“, објаснува Маркос Тројо, професор од Универзитетот Колумбија во САД. Затоа Пекинг е подготвен да вложи многу пари во развојот на инфраструктурата на јужноамериканскиот континент.

Пруги и аеродроми

Но кај овие „огромни“ инвестиции, како што ги нарекува бразилското министерство за надворешни работи, не станува збор само за извоз на суровини. Според проценките на државниот секретар Жозе Алфредо Грас Лима, Кина ќе продолжи да дава понуди и на другите јавни тендери во регионот и на тој начин ќе вложува во бразилската инфраструктура: во пристаништата, аеродромите и железничките пруги.

Тие пари во Бразил се и тоа како добредојдени, со оглед дека поради кризата и санацијата на државниот буџет мораа да бидат откажани планираните државни институции. „50 милијарди долари од Кина ќе го заживеат бразилското стопанство и истовремено ќе ја поттикнат изградбата и обновата на застарената инфраструктура“, вели Ана Солис Ландивар од Германскиот институт за глобални и регионални студии ГИГА од Хамбург. Таа додава дека тие зделки се од огромна полза и за Кина.

Soja Plantage in Brasilien
Фотографија: Getty Images

Тесна економска соработка

„Трансокеанската железница на пример, ќе ги намали трошоците на транспортот меѓу Бразил и Кина“, објаснува Солиз Ландивар. А вложувањата во аеродромите и технологијата за воздухопловен превоз на стока, може да придонесе за тоа Кина во иднина во Бразил да го врши финалното производство на авиони кои од таму ќе се извезуваат во соседните земји.

Но Браѕил на Кина ѝ е занимлив не само како извозник на суровини. Во минатата година, по посетата на кинескиот претседател Си Џингпинг, бразилскиот производител на авион, Ембраер најави продажба на 60 летала во Кина. Сега би требало да биде потпишан и договор за испораката на првите 22 авиона.

Истовремено кинеската автомобилска индустрија го откри бразилскиот и јужноамериканскиот пазар. Кинескиот производител „Чери“ во минатата година отвори фрабрика во бразилската сојузна држава Сао Паоло а во наредната година кинескиот производител ЈАЦ, кој е веќе активен во Бразил под името „ЈАЦ моторс Бразил“ ќе отвори уште една фабрика во сојузната држава Баија и оттаму ќе извезува кинеско-бразилски автомобили во соседните земји.

Кина ги истисна САД

Но веќе сега се слушаат критики на сметка на таа стопанска соработка. Така екоозите се бунат против планираната траса на Трансокеанската железница. Тие тврдат дека ако таа траса минува низ подрачјето на Амазонија, ќе предизвика масовна сеча на прашумата. Затоа е нарачана студија со која би се преиспитало влијанието на тој градежен проект врз животната средина.

Brasilien Brasilia BRICS Treffen 17.07.2014 Xi Jinping
Фотографија: Reuters

Според проценките на Ана Солиз Ландивар, предностите и недостатоците на тој кинеско-бразилски проект во прв ред зависат од тоа под какви услови проектот ќе биде остварен и како секоја поединечна земја ќе ги води преговорите. Таа наведува неколку важни прашања: „ На пример, потекнува ли работната сила ос Кина или од регионот? Дали ќе се почитуваат важечките работнички права? Дали контролата, менаџментот и управата со мегапроектите како Трансокеанската железница по нивната реализација ќе бидат во рацете на јужноамериканските влади?

Кина уште во 2009. година стана најважен трговски партнер на Бразил, а дотогаш беа САД. Во 2014 вкупниот волумен на трговската размена изнесува 78 милијарди долари. Бразил притоа оствари поголеми приходи од Кина и тоа за 3,3 милијарди долари.

Кинескиот премиер Кечијанг покрај Бразил ќе ги посети и Колумбија, Перу и Чиле. Перу веќе има договор за слободна трговија со Кина, а во таа земја има најбројно кинеско население во Латинска Америка. Во Чиле кинескиот ангажман досега е занемарлив, носе очекува тоа наскоро да се промени. А Колумбија се наедева на кинески инвестиции во инфраструктурата уништена во децениската граѓанска војна. Овие четири земји покриваат 57 насто ос трговската размена меѓу Кина и Јужна Америка, чиј вкупен волумен изнесува 262 милијарди долари.