1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина реагира опуштено на разговорот на Трамп

ЕМФ /дпа/ртр/афп
3 декември 2016

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп водеше телефонски разговор со тајванската претседателка Тсаи Инг Вен и со тоа „згазна“ на насоките на американската дипломатија. Кина реагира невообичаено опуштено.

https://p.dw.com/p/2Tg4Q
Kombobild Trump und Tsai Ing-wen
Фотографија: Getty Images/T. Wright/A. Pon

Доналд Трамп ризикуваше да се соочи со гневот на Кина - тој постапи спротивно на однесувањето на американската дипломатија кон Тајван и водеше телефонски разговор со тајванската претседателка. Двајцата ги нагласиле „блиските односи меѓу САД и Тајван во сферата на економијата, политиката и безбедноста“, соопшти тимот на Трамп. САД во процесот на приближување кон Кина, ги прекинаа своите дипломатски односи со Тајван во 1979 година.

Белата куќа се дистанцираше од постапката на Трамп. „Нема промени во нашата долгогодишна политика“, соопшти портпаролката на Националниот совет за безбедност, Емили Хорн. Вашингтон ги прекина дипломатските односи со Тајван во 1979 година и ја призна владата во Пекинг како единствена влада на Кина. Меѓутоа, неофицијално, американската влада и натаму одржува пријателски контакти со Тајпеј.

Поради прашината која ја крена неговиот телефонски разговор, Трамп појасни дека всушност нему му се јавила тајванската претседателка Тсаи. „Престедателката на Тајван МИ СЕ ЈАВИ за да ми честита на изборот за претседател. Благодарам“, напиша новоизбраниот американски претседател на Твитер. Еден час потоа додаде: „Интересно е што САД во Тајван продаваат воена опрема во вредност од милијарди долари, но јас не смеам да прифатам телефонски разговор за честитање.“

Кина не се возбудува

Кинеската влада реагираше невообичаено опуштено на телефонскиот разговор. Од Пекинг се вели дека Кина не смета оти Трамп ќе предизвика историски пресврт во американската политика кон Тајван. „Тоа е мал атак од тајванска страна“, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји. „Не верувам дека тоа ќе промени нешто во политиката 'една Кина' која има поддршка од страна на американската влада со години“, рече Ванг.

Тајван се отцепи од Кина на крајот на граѓанската војна во 1948 година, но од страна на Пекинг и натаму се гледа како одметната провинција. Со изборот на Тсаи за претседател на Тајван годинава, тензиите дополнително се зголемија, поради тоа што таа е критички настроена кон Пекинг.