Ким Јонг Ун ја подели американската влада
31 август 2017Американскиот министер за одбрана Џим Матис, според сопствените зборови, сѐ уште е за дијалог со севернокорејскиот режим: „Нам никогаш не ни снемува дипломатски решенија“, рече тој пред средбата со својот јужнокорејски колега Сонг Јанг Мо. Тоа ги истакнува јасно разликите меѓу Матис и неговиот шеф, претседателот Доналд Трамп. Зашто тој само неколку часа претходно на Твитер напиша: „Разговорот не е решение“ и заклучи: „САД со Северна Кореја разговараат 25 години и се уценувани за пари.“ Трамп и пред тоа потенцираше дека на маса се и воени опции.
Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун, пак, го заострува тонот уште повеќе и најавува нови ракетни тестови. Според него, неопходни се нови тестови со балистички ракети „чија цел ќе биде Пацификот“. Лансирањето на ракетата во вторникот преку јапонската територија е почеток на „одлучувачки противмерки“ на тековните воени маневри на САД и Јужна Кореја, вели Ким. Тој додава дека на тој начин ќе се држи „скротен“ островот Гуам, кој според севернокорејскиот претседател е „филијала на инвазијата“ на САД во регионот. На Гуам има американска воена база во која се стационирани илјадници војници.
Во меѓувреме, Јапонија врши притисок за натамошно заострување на санкциите против Северна Кореја. Неопходна е „силна резолуција“, за што ќе бидат усогласувани ставовите со САД, најави јапонскиот амбасадор во ОН, Коро Бешо. Расположение за ново заострување на санкциите има и кај други членови на Советот за безбедност, иако казнените мерки беа заострени на почетокот од август. Застапниците на ставот за заострување на санкциите аргументираат дека најновиот ракетен тест се разликува од досегашните во важни точки. На пример, за разлика од сличниот инцидент во 2009 година, сега немаше предупредување дека ракетата ќе прелета над Јапонија. На нови санкции се противат Русија и Кина. Тие се за заострување на казнените мерки само ако биде направен нукеларен тест или ако се испали ракета со долг дострел.