Ким Јонг Ун ретерира, Матис се заканува
15 август 2017Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун засега ги одложи плановите за напад врз американскиот пацифички остров Гуам. По разговорите со своите генерали, лидерот Ким најави дека малку подолго ќе го следи однесувањето на САД, се вели во извештај на државната севернокорејска новинска агенција КЦНА. Но, тој се заканува со промена на мислењето која може да се случи во секој момент.
„САД прво треба да носат вистински одлуки и со своето однесување да докажат заинтересираност за деескалација на тензиите и спречување на воен развој на конфликтот на Севернокорејскиот Полуостров“, изјавил Ким според КЦНА.
Но, во случај САД да продолжат со „своите екстремно опасни и безобѕирни потези на Корејскиот Полуостров“, Ким ќе реагира со „важни одлуки“.
Експертите изјавите на Ким ги толкуваат како обид за смирување на напнатоста во регионот.
Претходно, американскиот министер за одбрана Џејмс Матис повторно категорично ја предупреди Северна Кореја од напад врз САД. САД ќе го пресретнат секој летачки објект во правец на американското копно, изјави Матис во Вашингтон. „Ако тие пукаат кон САД, тогаш тоа многу брзо ќе води кон војна“. Ако некој објект по воздушен пат стигне до американска територија, на пример до пацифичкиот остров Гуам, тогаш „играта почнува“, изјави екс-генералот. Во случај на реализирање на најавената намера на Пјонгјанг, да испали ракети во водите пред Гуам, на потег е американскиот претседател Доналд Трамп, негово е да донесе одлука на каков начин ќе реагира, истакна Матис.
Во телефонски разговор Трамп и јапонскиот премиер Шинзо Абе договориле тесна соработка за да спречат севернокорејски ракетни напади врз Гуам.
За време на церемонија во Сеул по повод 72-годишнината од ослободувањето на Кореја од Јапонија, јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин пак изјави дека неговата земја сака по секоја цена да избегне војна. „Севернокорејскиот атомски спор мораме да го решиме на мирен начин, без оглед на бројот на подеми и падови.“ Според него, нема да има американски воен удар против Пјонгјанг без согласност на Јужна Кореја. Мун од Северна Кореја истовремено побара да се врати на преговарачката маса.
Во обидите за надминување на кризата со дипломатски средства се активира и ЕУ. Претставничката на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, по вонредната средба со надлежните ЕУ-амбасадори се изјасни за активирање на во 2009 година прекинатите шестпартитни преговори, почнати во 2003 година заради прекин на атомската програма на Северна Кореја. Могерини навести и натамошни санкции од ЕУ кон Северна Кореја.