1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кимето постави нов светски рекорд во маратон

ОГ/ЖА/дв/дпа 29 септември 2014

Денис Кимето од Кенија на маратонот во Берлин постави нов светски рекорд - прв го истрча под 2 часа и 3 минути. Берлин со тоа стана најбрзата маратонска патека во светот.

https://p.dw.com/p/1DMWF
Фотографија: picture-alliance/dpa/Rainer Jensen

На 41. Берлински маратон Денис Кимето постави нов светски рекорд - 2 часа, 2 минути и 57 секунди. Со тоа 30-годишниот маратонец има за 26 секунди подобар резултат од претходниот, една година стар рекорд на неговиот сонародник Вилсон Кипсанг.

„Ова е голем ден за мене, многу се радувам. Во текот на трката се чувствував многу добро и знаев дека можам да успеам“, изјави Кимето, кој за својот успех доби 120.000 евра како награда. И директорот на Берлинскиот маратон, Марк Милде беше презадоволен:

„Ова е ново поглавје во маратонот, не очекував вакво нешто“.

И второпласираниот, Емануел Мутаи, со време од 2 часа, 3 минути и 13 секунди беше подобар од досегашниот светски рекорд. Како трет се пласираше Абера Кума од Етиопија.

Кимето го подобри и времето на најбрзо истрчана маратонска патека од 2 часа, 3 минути и 2 секунди од страна на Џофри Мутаи во Бостон во 2011 година, кое поради тамошниот профил на делницата не беше признато како светски рекорд. Во женскиот маратон најбрза беше 29-годишната Тирфи Цегауе од Етиопија со време од 2 часа, 20 минути и 18 секунди, втора беше нејзината сонародничка Фејсе Тадесе, а трета-Американката Шалан Фланаген.