1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киев треба да избере меѓу чума и колера

Коментар: Инго Мантојфел/Превод: Жана Ацеска 13 мај 2014

Судири и наводен референдум во источна Украина. Нови санкции воведени од ЕУ. А сепак, смета Инго Мантојфел, се навестува решение за украинската криза. Но, сега се‘ зависи од раководството во Киев.

https://p.dw.com/p/1Bytd
Фотографија: DW

Украинскиот конфликт во последните месеци се разви во неверојатно проблематична политичка криза. Безизгледно е да се очекува едноставно и консеквентно решение. Во овој конфликт, во секој случај, нема да има јасен победник, всушност, ќе има само губитници. А пропаѓањето на договорот, постигнат во Виена пред Велигден, покажа колку кревки можат да бидат формалните компромиси.

Брутална политика на интереси

Анексијата на Крим од страна на Русија, спротивна на меѓународното право, и натамошната политика на Кремљ, насочена кон дестабилизација на Украина, докажуваат дека Москва не е заинтересирана за деескалација на состојбата. Но, сега се чини дека се отвора сепак мал прозорец за олабавување на тензиите. И тоа и покрај фактот што со наводниот референдум во Доњецк и Луганск, како и со новите санкции од ЕУ, ситуацијата натамошно ескалира.

Решението, кое германската политика со напор го турка зад кулисите, се состои во тркалезна маса на која ќе седнат сите политички групи во украинскиот конфликт под водство на ОБСЕ, раководена од германскиот искусен дипломат Волфганг Ишингер и украински претставници.

Постои силна претпоставка дека овој план има принципиелна поддршка од Путин. Неговиот претходен предлог до сепаратистите, да го одложат „референдумот“, може да се толкува само како маневар на целно одвлекување на вниманието, без политичка сериозност. Реакцијата на Москва по „референдумот“, за разлика од онаа по гласачката фарса на Крим, е релативно воздржана. Изразената молба на сепаратистите за приклучување кон Русија, досега официјално остана само со воздржан одговор. Посебно недостига недвосмислена јавна изјава од претседателот Путин.

Мисијата на Штајнмаер во Киев

Решавачки ќе биде дали на германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и на останатите посредувачи ќе им успее да ги убедат украинската привремена влада и Турчинов и Јацењук да ја прифатат идејата за преговори. Разбирливо, против неа има бројни задршки.

Со право може да се аргументира дека Кремљ засега е заинтересиран за вакви преговори само затоа што, на неодговорен начин, со своите нелегални акции со проруските сепаратисти си обезбеди преговарачка моќ. Уште повеќе, во предлогот за тркалезна маса, „ѓаволот“ се крие во деталите: со каков мандат всушност можат сепаратистите да учествуваат? Дали останува планот за претседателски избори на 25 мај? Дали со тоа отцепувањето на Крим нема да биде признато? Тоа се само многу од прашањата поврзани со одржувањето тркалезна маса. Украинското раководство, следно на ова, стои пред нималку лесна одлука.

Преговори или отцепување

Но, ни алтернативите не се подобри. Последните недели јасно покажаа на каква бруталност и ригорозност е подготвена Москва во спроведувањето на своите интереси. Навестената согласност на Русија за планот на ОБСЕ за тркалезна маса не треба да залажува дека Кремљ остапува од своите цели. Во односот кон Русија не е препорачлива политичка наивност. Напротив, Москва и со тркалезната маса и со проруските сепаратисти како средство, цели кон обезбедување свое право на глас во однос на политичката иднина на Украина, а по потреба, да поттикне расцеп на Украина.

Ако предлогот на ОБСЕ за тркалезна маса пропадне, може да се очекува натамошна ескалација на конфликтот во Украина, а Москва да излезе во пресрет на проруските сепаратистички стремежи. Затоа, политички Киев во моментов се наоѓа пред изборот: меѓу чума и колера.