Кафето со соседот го решава проблемот
27 март 2014Идејата за почеток беше едноставна - да се организираат серија средби меѓу водечките луѓе на општините во градовите во регионот, за да поразговараат за соработка, за се запознаат со искуствата на другите и да ги споделат своите. Да се најде заеднички интерес и лично да се запознае некој кој во иднина би можел да биде добар партнер во некој проект. Проектот официјално беше наречен „Подршка при вмрежување и европска соработка на градовите и општините“, но денес сите го препознаваат како „Кафе средби“ (Kava/Kafa susreti).
Опуштено дружење со повеќестрана корист
Агенцијата за локална демократија од Осиек во соработка со Центарот за локална демократија во Суботица и уште четири партнерски организации започнаа со проектот за прекугранична соработка на градовите и општините од Осиечко-барањската и Вуковарско-сремската жупанија во Хрватска и Бачкиот и Сремскиот округ во Војводина.
Така претставниците од Ердут, Дреновац, Нијемац, Стари Јанковац, Бели Манастир, Вуковар и Осиек почнаа секој петок да се среќаваат „на кафе“ со колегите од Рум, Инџија, Апатина, Стара Пазова, Бача и Суботица. Средбите секојпат се одржуваа во друга општина, размената на искуствата имаше одличен ефект.
Притоа сето тоа имаше повеќе карактер на опуштено дружење отколку на официјален проект. Како што вели Миленко Турнишки од Агенцијата за локална демократија, ниту тие самите не знаат кои се резултатите од тие средби, бидејќи за многу проекти и договори немаат повратни информации, луѓето едноставно се среќаваат, препознаваат заеднички интерес и почнуваат со работа. „Тргнавме од претпоставката дека поинаку гледате на електронско писмо кое ви го испраќа човек кого лично сте го запознале, а поинаку ако стигнува од непозната адреса, од непозната личност. Важно беше луѓето да се сретнат и лично да се запознаат. Секоја средина има барем нешто со што може да се пофали и да пренесе позитивни искуства на другите, а многумина имаат и слични проблеми кои заедно е полесно да се решат,“ ја појаснува Миленко Турнишки идејата која стои зад пиењето кафе со соседот.
Инџија како пример
Позитивните примери кои една општина им ги претстави на другите оставија одличен впечаток, па сега сите се обидуваат да ги решаваат проблемите на начин на кој некој пред нив ги решил. Еден таков пример е системот на локална управа во Инџија кој остави добар впечаток кај сите учесници на неформалните дружења. Инџија има вмрежен комунален систем, па од моментот на жалбата на граѓаните до решавање на проблемот минуваат само 48 часа. Граѓаните можат да пријават сѐ, од дефект на водоводната мрежа до сијалица која прегорела во уличното осветлување. Пријавите можат да се завршат преку телефон или преку интернет, а доколку жалбата не може да биде решена на време граѓаните се информираат за причините и времетраењето во кое ќе се отстрани проблемот. Примерот со Инџија стана модел на управување со град кон кој сѐ повеќе се тежи.
Библиотеки и велосипедски патеки
Соработката меѓутоа е остварена и на многу други полиња. Проектот на прекугранична соработка „Библиотека на новото доба“ е финансирана од предпристапните фондови на ЕУ во рамките на ИПА-прекуграничната програма Хрватска-Србија. За 138.000 евра е уредено многу. Проектот го водеа Тихомир Маројевиќ од Градската библиотека Винковци и Гордана Станков Сојиловиќ координаторка на меѓународните програми. Целта на проектот е да придонесе за културна, социјална, економска и дигитална инклузија на локалните заедници и тоа преку јакнење на меѓугенерациската солидарнсот и развој на прекуграничната соработка. Тргнувајќи од тоа се создаде приказната која ја преобрази библиотеката во Винковци, Вуковар, Илок, Жупанија, Инџија, Дреновци и Кула. Тие се вмрежија и започнаа да работат со најмаргинални групи во општествотото на кои им станаа и место за собирање.
Пример за добра соработка се и проектите од сегментите „Развој на прекуграничниот туризам во Средното подунавие“ во рамките на кој е изградена туристичка база на податоците за Барање и Бачка, развиени се нови содржини, востановени нови гранки на велосипедската тура „Панонски пат на мирот“ и се означени пешачките патеки.
Соработката продолжува
Целта градовите за се вмрежат и да се изградат капацитети за поефикасна соработка на регионално и европско ниво е веќе постигната, сега многу полесно и подобро соработуваат меѓусебно и поефикасно настапуваат кон ЕУ и нејзините фондови за заеднички проекти. Секој град направи и своја „лична карта“ на англиски јазик во која на потенцијалните заинтересирани градови и општини од ЕУ накратко би им се претставувале приоритетите. Иако проектот „Кафе со соседот“ во принцип заврши со конференција во Осиек, тој на некој начин дури сега почна, бидејќи остварените контакти, резменетите идеи и новите предизвици на културна, рурална, туристичка и економска соработка продолжуваат.