Кандидати на изборите во Германија
Во Германија се ближат парламентарни избори и кандидатите за најважните места настојуваат да се прикажат во најдобро светло.
Кој ќе биде канцелар(ка)?
Во Германија се ближат парламентарните избори и кандидатите за најважните места настојуваат да се прикажат во најдобро светло. Покрај сликата која ја прикажуваат во јавноста, секој од политичарите има и приватен живот кој го водат подалеку од очите на јавноста.
На самиот врв
Таа знае што значи да се биде на функцијата канцелар. Ангела Меркел има 59 години и веќе осум години владее со Германија. Својата политичка кариера ја започнала во Источна Германија, а потоа преминала во конзервативната ЦДУ. Како канцелар, истапи против основните ставови на нејзината партија: го укина воениот рок и почна со затворање на нуклеарните централи.
Прошетка, готвење...
Што прави најмоќната жена во светот во слободното време? Ангела Меркел често шета во природа со својот сопруг, а сака и да готви. Израснала во ГДР, каде докторирала физика. „Се определив за природни науки, меѓу другото и поради тоа што тогашното раководство не можеше да се меша во таа област“, објаснува Ангела Меркел на својата интернет-страница.
Жесток противкандидат...
Кандидатот на социјалдемократите Пер Штајнбрик (66) вели дека никогаш повеќе нема да влезе во влада заедно со Ангела Меркел. Тој беше министер за финансии од 2005. до 2009. во т.н. „голема коалиција“ на СПД и ЦДУ. Овој економист во предизборната кампања се залага за воведување на минимална плата и намалување на растот на кириите. Тоа го прави со многу иронија и провокација.
... и сталожен стратег
Пер Штајнбрик од својата шеста година игра шах. Кога не игра против светски шампиони, негов противник е компјутерот. Овој кандидат за канцелар еднаш го опиша шахот како игра во која човек се труди секогаш да го надмудри противникот, „но бидејќи играме против компјутер, тоа е невозможно“.
Двоец без кормилар
Двајцата кандидати на Зелените треба да претставуваат сѐ: Катрин Геринг- Екарт (47) е граѓански ориентирана, а Јирген Тритин (59) му припаѓа на левото крило на партијата. Таа е од источна, а тој од западна Германија. Двајцата се залагаат за зголемување на данокот за богатите и двајцата се избрани со непосредно гласање на ниво на целата партија.
Секогаш присутен
Вакво капење в река не е никаков проблем за Јирген Тритин. Тој е некогашен министер за животна средина и минал и низ далеку посериозни нешта- на демонстрации. Тритин, имено, често се појавува на протести за заштита на животната околина или против расизмот. По професија е социолог и познат е по тоа што не сака да говори за својот приватен живот.
Зелена танчерка
Нејзиниот татко бил управник на школа за танц во ДДР. Катрин Геринг-Екарт дури учествувала и на турнири за танц. Нема трема од настапите пред бројна публика. Оваа политичарка има два сина, а се наоѓа на чело на Синодот на Евангелистичката црква во Германија.
Стопанство, финансии, Бридерле
За Рајнер Бридерле (68), кандидат на Партијата на слободни демократи (либерали- ФДП), најважна е економијата. Со неа се занимава откако влезе во политиката, па се‘ до функцијата министер за економија во владата на Меркел. Откако ФДП загуби голем број гласови на покраинските избори, Бридерле се повлече од сите државни функции и стана шеф на пратеничката група на ФДП во парламентот.
Приватна работа...
Рајнер Бридерле кон средината на јуни падна и ги скрши раката и ногата. Рехабилитацијата траеше со недели. Вели дека го нервирало тоа што долго отсуствува од кампањата. Бридерле е чистокрвен политичар и ретко говори за својот приватен живот. Оженет е, ѝ припаѓа на Евангелистичката црква и живее во Мајнц.
Лево и полево
Двајцата кандидати на Левицата, заменик претседателката на партијата Сара Вагенкнехт (44) и шефот на пратеничката група Грегор Гизи (65) не се сакаат премногу. Сепак, тимот е на чело на Партијата на левицата за време на предизборната кампања. Тука се уште шест кандидати за да се спречи судирот меѓу нив двајца.
Левичарите приватно
Сара Вагенкнехт е во врска со Оскар Лафонтен, некогашниот претседател на Левицата. „Потребно ми е слободно време, да читам и да размислувам“, вели таа. Вагенкнехт сака да истражува и да се задлабочи во некоја тема. Тоа не е ни чудно, оваа професионална политичарка порано сакала да се занимава со наука.
Брилијантен говорник
Како дете, Грегор Гизи го позајмувал гласот за советските филмски комедии. Неговите пријатели и денес се радуваат кога ќе го видат неговото име на одјавните шпици. Денес неговите омилени теми се театарот, литературните есеи и класичната музика. Овој правник некогаш играл валцер до доцна во ноќта. Денес мора да внимава затоа што има проблеми со срцето.