Камерунски спортисти „исчезнаа“ од Олимпиското село во Лондон
8 август 2012Според шефот на камерунската олимписка делегација Дејвид Оџонг, „28 членови на делегацијата се вратени во Камерун, 24 се’ уште се во Олимпиското село, а седуммина побегнаа“. За ова уште во неделата бил информиран камерунскиот министер за спорт. Министерството одбива да коментира за случајот.
Се работи за „исчезнување“ на пет боксери, еден пливач и фудбалерка, информира весникот Камерун трибјун. Во меѓувреме, претставник од камерунската фудбалска федерација информираше дека првиот спортист кој исчезнал уште на втори јули е „фудбалерка, која била во Олимпиското село, но не била една од 18-те одбрани играчи да учествуваат на Олимписките игри“. Нејасно е зошто Друсиле Н’гако отпатувала во Лондон, иако не била одбрана да биде дел од националната репрезентација.
Организацискиот комитет на Олимпијадата верува дека зад нивното исчезнување не се крие ништо криминално, како и дека најверојатно ништо не им се случило, туку спортистите побегнале за да не се вратат во Камерун и да останат да живеат „некаде во Европа“ поттикнати од тешката економска состојба во нивната земја. Од почетокот на Олимписките игри во Лондон до сега Камерун не освои медал. Во претстојните натпревари остануваат уште двајца спортисти од оваа земја.
Ова не е прв случај да биде пријавено исчезнување на некои од африканските олимпијци, дојдени на Олимписките игри во Лондон. Претходно, тројца судански спортисти побегаа од својата олимписка репрезентација, а како „исчезнат“ уште од јуни се води и еден спортист од Етиопија, кој не се врати во хотелот во Нотингем, каде се наоѓаше на подготовки и каде беше и еден од носителите на олимпискиот факел.