Како Португалија ќе ги отплати долговите?
11 февруари 2016Во периодот од 2016 до 2019 година Португалија мора да отплати долгови во висина од 43 милијарди евра - кон ММФ, Европа и приватни доверители. Овие последните се плашат за своите пари, но и Европската комисија покажува загриженост и предупредува дека португалскиот државен буџет за 2016 година е проблематичен. Комисијата смета дека земјата троши премногу и со тоа се доведува во опасност повторно да го прекрши договорот за стабилноста на еврото.
„Не ја разбирам таа вознемиреност“, вели професорот по економија Жозе Мариа Кастро Калдас од Универзитетот во Коимбра. „Тие долгови ќе бидат исто така отплатени како и оние пред нив - со земање нови кредити“. Тој објаснува дека Португалија, откако го напушти т.н. европски заштитен чадор, релативно поволно може да добие пари на меѓународните финансиски пазари. Со тоа преструктуирањето на долговите не е никаков проблем.
Но Кастро Калдас смета дека до вистинска отплата на долговите нема да дојде поради владините планови за поттикнување на потрошувачката и дополнителните социјални давачки. Тој вели дека новата социјалистичка влада ветила крај на политиката на штедење. На тоа ветување сега ја потсетуваат левите партии од чија поддршка во парламентот зависи и малцинската влада.
Нема крај за политиката на штедење
Но професорката по економија Аурора Тешеира од Универзитетот Порто предупредува: „Мораме да се подготвиме на уште многу години штедење“. Според неа, државата само на тој начин може да ги исполни своите финансиски обврски во кои, на пример, се вбројува и исплатата на речиси седум милијарди евра на име на државни обврзници во текот на оваа година. Тоа е трошок кој ќе се удвои до 2019 година. Тешеира смета дека состојбата не само што не е безнадежна, туку може да се почне со отплата и на стари долгови, под услов, економијата да расте во согласност со предвидувањата. Секако и со строга буџетска дисциплина.
Повеќе пари за поголем раст
Португалскиот премиер Антонио Кошста секогаш одново истакнува дека неговата земја сака да пронајде решение со Европа, а не против неа. Но додава дека тоа не значи и бесмислени мерки за штедење. Финансискиот план кој владата го испрати во Брисел доби зелено светло дури откако беше извршено зголемување на данокот. На финансиските пазари веднаш настапи блага нервоза, која беше засилена поради плановите на владата повторно да воведе 35-часовна работна недела и да ја зголеми минималната плата до 2019 година на 600 евра.
„Кога во една држава на власт ќе дојде левицата, доверителите секогаш реагираат загрижено“, вели Жоао Дукве, професор на Универзитетот во Лисабон. Бидејќи, владата прво мора да ја задоволи својата клиентела. Во случајот на Португалија тоа не се само социјалистите, туку и комунистите и левиот блок. Па сепак, Дукве не гледа причина за загриженост. Тој смета дека обидот да се поттикне растот со давање повеќе пари на граѓаните е добар и дека за тоа во буџетот има доволно пари.
За Португалија пред сѐ е проблематична отплатата на каматите за кои само оваа година се потребни осум милијарди евра. Тоа е најголемиот трошок во буџетот - поголем дури и од трошоците за плати и социјала. Но професорот верува дека и покрај тоа Португалија ќе ги отплати долговите, иако веројатно ќе мора да преговара за каматите. Не е ни чудо, велу Дукве, бидејќи доколку таа сума се вложи во економијата, тогаш експресно би се решиле сите проблеми.