1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како политиката на Меркел кон бегалците ја менува Германија?

Сабине Кинкарц / ЕМФ23 август 2016

„Ќе успееме“, рече Ангела Меркел пред една година. Имаше ли право, или Германија со приемот на стотици илјади бегалци се префорсира? ДВ ги праша граѓаните за мислење.

https://p.dw.com/p/1JmrX
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Слики полни со симболика: мажи, жени и деца, повеќето од Сирија, Авганистан и Ирак, во марш без крај пешачат кон север преку т.н. Балканска рута. Летото 2015-та година и во месеците потоа во Германија пристигнаа стотици илјади бегалци. „Ќе успееме“, рече канцеларката Ангела Меркел на 31 август во Берлин. Реченица која стана црвена нишка на нејзината политика кон бегалците.

Дали оваа политика ја промени Германија и ако да - на кој начин? Како за тоа размислуваат граѓаните? Тоа по налог на Дојче веле го истражуваше институтот за истражување на јавното мислење Инфратест Димап. Направено е истражување на репрезентативен примерок од околу илјада германски граѓани со право на глас во периодот од 15 до 17 август. За можните последици од бегалската политика зададени беа четири оценки со кои учесниците во истражувањето можеа главно да се согласуваат или главно да не се согласуваат.

Образование и социјала

Оптимистичките проценки велат дека за бегалците годишно ќе се трошат по 15 милијарди евра. Оние што доаѓаат мора прво да бидат сместени и снабдени со најосновното. Интеграција е можна само ако луѓето учат германски и се образуваат. За таа цел се неопходни наставници, како и воспитувачи и негуватели во детските градинки. Дали германскиот образовен и социјален систем со тоа е преоптоварен? Да, смета тесно мнозинство од испитаниците.

Од преоптоварување на образовниот и социјалниот систем стравуваат пред сѐ приврзаниците на деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД). Само 15 од 100 испитаници не се согласиле со ваквата оценка.

Infografik Wie verändert Merkels Flüchtlingspolitik Deutschland? Bildung Sozialsystem Englisch

Оној кој зборува германски, образуван е и способен за работа, би морало да има добри шанси за работа. Германија е соочена со огромен предизвик. Населението сѐ повеќе старее, нема подмладок. Тоа го чувствуваат претпријатијата. На 100 невработени веќе сега доаѓаат околу 200 слободни работни места за квалификувани работници. Дали бегалците би можеле да ги пополнат овие дупки?

Не е толку едноствано како што се чини. Во Германија 20 проценти од економското постигнување се должат на машинството, автомобилската индустрија и електротехниката. Во земјите од каде доаѓаат бегалците овие индустриски гранки немаат никаква традиција. Затоа речиси и нема квалификувани бегалци кои би ги исполниле предисловите. Сепак, речиси една третина од испитаниците одговориле дека германската економија ќе биде зајакната благодарение на доселената работна сила.

Исто како по прашањето на образовниот и социјалниот систем, и овде приврзаниците на АфД се тие кои не препознаваат никакви предности од доселувањето на бегалците. Деветмина од десет испитаници се на такво мислење.

Infografik Wie verändert Merkels Flüchtlingspolitik Deutschland? Wirtschaft Englisch

Независно од партиско-политичките преференци, пред сѐ младите Германци и оние со повисоко образование или висок нето-приход се на мислење дека бегалците може да ѝ бидат од полза на германската економија. Луѓето над 50-годишна возраст, кои имаат максимално диплома од занаетчиско училиште, главно не се согласуваат со таква оценка.

Доселувањето на бегалците ќе има последици не само за економијата, туку и за општеството. Германија веќе сега, пред сѐ во големите градови, е шарена и разнолика. Во иднина ваквиот впечаток само ќе се зајакнува. Дали е тоа добро?

Infografik Wie verändert Merkels Flüchtlingspolitik Deutschland? Bunter Englisch

И во одговорите на ова прашање, независно од политичката определба, пред сѐ младите и добро образовани Германци поздравуваат шарено општество. Тие се групата испитаници која главно не се согласува со тоа да се прави поврзување на бегалската политика на Меркел и порастот на бројот нат ерористички напади во земјата. Колку се испитаниците постари и понеобразовани, толку се повеќе уверени дека во Германија во иднина мора да се смета со повеќе напади.

По ова прашање, меѓутоа, сосема одлучувачка е партиско-политичката наклонетост. Само 7 од 100 приврзаници на АфД се на мислење дека во иднина во Германија нема веќе да има терористички напади.

Infografik Wie verändert Merkels Flüchtlingspolitik Deutschland? Terror Englisch

Истражувањето на јавното мислење покажува дека огромно мнозинство од избирачите на АфД се на мислење дека бегалската политика на сојузната влада без исклучок ќе има негативни последици за Германија. Спротивни одговори, иако не во толку огромен број, даваат Германците кои партиско-политички ги симпатизираат Зелените.