Како Ангела Меркел „доби корпа“ во Белград
24 август 2011„Такво нешто крајно ретко се гледа кај државните посети: домаќинот и гостинот си за’ржеа пред насобраниот печат. Тоа се случи при настапот на канцеларот Меркел во Србија. Таа побара од претседателот Тадиќ директни разговори со Косово. Тој отфрли било какво вмешување (одстрана, н.з.)“, констатира „Шпигел онлајн“ во поднасловот на текстот „Меркел се фати во костец со претседателот Тадиќ“, во кој на почетокот се вели:
„Германија и Србија отворено спорат околу решението за српскиот граничен конфликт со Косово. Канцеларката Ангела Меркел притискаше за решение за време на посетата на Србија. На средбата во вторникот (23.08.2011, н.з.) во Белград таа невообичаено јасно го повика српскиот претседател Борис Тадиќ да поведе директен дијалог со владата во Приштина, во која доминираат Албанците. Тадиќ го отфрли тоа и рече дека неговата земја самата е заинтересирана за решение на конфликтот што крваво ескалира пред 4 недели“.
Кој спомена прекин на дијалогот?!
Со слични зборови известува и весникот „Тац“ во текстот под наслов „Милни зборови, скудни резултати“:
„Ангела Меркел немаше лесна работа за време на вчерашната посета на Белград. На прес-конференцијата со претседателот на Србија, Борис Тадиќ јасно се покажаа разликите по прашањето за Косово. Додека Меркел со недвосмислени зборови го повика српското раководство да го продолжи директниот дијалог со владата на Косово, Тадиќ отфрли било какво мешање во тоа прашање“.
„Тадиќ реагираше на заедничката конференција за медиумите малку иритиран, и тоа делумно со право“, оценува „Ное цирхер цајтунг“ и објаснува: „Особено германскиот апел за обновување на дијалогот со Приштина се чини недоволно фундиран, оти Србија и во текот на новиот, од Косово провоциран граничен спор никогаш не зборуваше за прекин на тој дијалог, што се одвива од март наваму“.
За пријатниот и помалку пријатниот дел
„Добра клима, ледена клима“ е насловот на подолгиот напис во весникот „Ди велт“, во кој, како што вели и поднасловот, се опишува „како на Ангела Меркел и’ се додворувала на Хрватска, а ’доби корпа‘ во Србија“.
„Сликата не ги изненадува се’ поголемиот број германски туристи, кои ја откриваат убавината на хрватскиот главен град Загреб. На барокната службена резиденција на премиерот Јадранка Косор во Горни град, покрај државното знаме, виси и европското знаме со ѕвезди. На пеколната горештина тоа се вее и на конгресни центри, седишта на фирми, на хотели, кога канцеларот Ангела Меркел се возеше кон седиштето на владата. Добро, и? Овде е сепак Европа, овде се’ изгледа како во Прага или Виена, или во некој мал јужногермански град. Но, ова со знамето е претерување. Хрватска не е член на ЕУ. Се’ уште не. (...)
Загреб е за Меркел пријатниот дел од нејзината дводневна визита на Балканот, која потоа ја водеше во Србија - непријатниот втор дел. Таму, на монументалното седиште на претседателот на државата од времињата на Тито, беа истакнати само германско и српско знаме. Европа е овде уште многу далеку и патот до таму - тоа канцеларката многу јасно го стави на знаење - е прилично долг. (...)
Штимунгот во Белград е неспоредливо поледен, отколку во Загреб. Навистина, Борис Тадиќ сака членство во ЕУ, но не по високата цена на самооткажување. Иако Меркел за прв пат патуваше во Србија, тоа е веќе петта средба на двајцата политичари. Тадиќ и Меркел не оставаат впечаток на меѓусебна блискост, како Косор и Меркел. Разликата во мислењата е премногу очигледна и изби за време на прес-конференцијата. ’Ние не прифаќаме независност на Косово. Ние бараме компромисно решение‘, вели Тадиќ. Меркел си ја гризе долната усна. Непосредно по разговорот во четири очи обајцата политичари се трудеа да дејствуваат колку што е можно ориентирани кон консензус. Меркел нагласи дека Германија ја сака Србија во Европа.
Три предуслови за Србија
Потоа таа постави три предуслови за Србија воопшто да може да добие статус на кандидат за прием: мора подобро да соработува со Еулекс (...), мора да ги укине двојните структури во својата некогашна покраина, и конечно, директните разговори со Приштина мора да дадат резултати. На тоа Тадиќ реагираше прилично налутено. (...) Тој отфрла натамошно старателство: ’Никој не треба од нас да бара да водиме дијалог со Приштина. Тоа е во наш сопствен интерес‘. Но, очигледно била стратегија на Приштина да спроведе унилатерални промени - и со сила. ’Недозволено е напаѓачот да биде награден‘. Со тоа српскиот претседател мисли на новата ситуација на границата по германската интервенција.
Со оглед на таквите разлики, на Меркел и’ преостанува само трезвена анализа на фактите. ’Мораме почесто меѓусебно да разговараме‘, вели таа. Нејзините последни зборови покажуваат визија за слободна Европа без граници: ’Европа е решението. Кога сите земји од Балканот еден далечен ден ќе бидат дел од Шенген, сево ова ќе го снема. Тогаш веќе ќе нема царински контроли‘. Но, за Европа на тој далечен ден уште да биде атрактивна за кандидатите и Шенген воопшто да дејствува, Меркел ќе мора сега повторно да се бори во Берлин и Брисел“, заклучува „Ди велт“.
„Ангела Меркел се трудеше да направи колку што е можно побезизразен лик, покерска ’фаца‘. Но, на нејзиното лице лесно се чита дека разговорот со Борис Тадиќ не поминал така, како што таа веројатно се надевала“, опишува „Берлинер цајтунг“.
Сликата виси накриво
„Сликата виси накриво“, е фигуративниот наслов во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Извештајот за посетата на Меркел на Загреб и Белград весникот вака го започнува:
„Ангела Меркел и Борис Тадиќ на тоа утро во вторникот немаа многу нешто заедничко, освен мрачниот израз на нивните лица, со кои се појавија во јавноста по разговорите во претседателската палата во Белград. ’Ќе биде напнато‘, рече пред тоа еден блисок соработник на канцеларката“. (...)
Двојната германска порака - вие можете да припаѓате таму, но морате и нешто да сторите за тоа - треба да спречи Белград да се повлече налутено во аголот и да ламентира дека ЕУ сепак не ја сака Србија. На земјата не треба да и’ биде дадена можност да се сокрива зад изговори. Истовремено треба да и’ биде кажано: се’ што отсега натаму ќе правите, секое вртење наназад, има европска цена. (...)
Во споредба со посетата на Белград, прва на канцеларката, таа ден пред тоа имаше лесна работа во Загреб. (...) Во Хрватска имаше поплаки дека била злоупотребувана како зајаче за тестирање за време на преговорите за пристап. Брисел навистина научи од искуствата од последната рунда на проширување и се откажа од претходно утврдување термини, како во случајот со Бугарија и Романија, и постави јасни предуслови за отворање и затворање на главите во преговорите. Од германски агол на гледање таа постапка се докажа; таа сега треба да биде мостра за идните преговори за проширување“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Автор: Зоран Јордановски
Редактор: Борис Георгиевски