1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што носи Хојт Ји во дипломатската актовка?

Катерина Блажевска3 март 2016

Посетата на Ји треба да даде поттик за придвижување на реформските процеси, кои се во драматично назадување, не само споредено со внатрешните прилики во земјата, туку во споредба со регионот, велат дипломатски извори.

https://p.dw.com/p/1I5th
Фотографија: Daniel Mihailescu/AFP/Getty Images

Aктуелната политичка ситуација во Македонија, спроведувањето на Договорот од Пржино и неопходните реформи, ќе бидат темите за кои заменик-помошникот државен секретар за Европа и Азија во американскиот Стејт департмент, Хојт Брајан Ји, денеска ќе разговара со претседателот Ѓорге Иванов и со лидерите - потписници на Договорот од Пржино. Тој е дел од тимот на Викторија Нуланд, која активно беше вклучена во разрешување на кризата во Македонија и преговорите по кои беше донесен Договорот од Пржино, а во кој беше предвидено и формирање Специјално обвинителство со целосна автономија да ја води истрагата околу разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите. Денешната посета на Ји е втора откако земјата влезе во политичка и правна криза. За време на неговата последна посета на Скопје, на 17 и 18 април минатата година, Ји порача дека треба бидат процесуирани и случаите каде има сомневања и за функционерите на власт, а не само за опозицијата. Една година подоцна, високиот функционер на Стејт департменот ќе има можност да се увери дали и како функционира неселективноста на правдата.

Она што е извесно, е дека не било лесно да се договори агендата на неговите средби, со оглед дека и дел од неговите соговорници денеска имаат густ распоред. Во Основниот суд Скопје 1, денеска треба да започне судењето против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за случајот „Поткуп“, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е повикан на разговор во својство на сведок во Специјалното јавно обвинителство. СЈО не соопшти други детали поради тајноста на предистражната постапка, но од ДУИ обелоденија дека станува збор за случајот „Космос“. Поради овие и други обврски, средбата на обвинителката Катица Јанева со Хојт Ји е закажана в петок, а тогаш најверојатно и со државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Во петок американскиот функционер ќе се сретне и со премиерот Емил Димитриев, по што е предвидено да даде изјава за медиумите.

Gorge Ivanov und Hoyt Brian Yee 27.01.2014 in Skopje
Хојт Ји во разговор со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во Скопје во јануари 2014 година.Фотографија: MIA

Утврдување на вистината

Македонски дипломати и аналитичари, сметаат дека покрај разговорите за другите предуслови за излез од кризата, главниот фокус на разговорите сепак најмногу ќе биде ставен на владеењето на правото. Во тоа е уверен професорот и поранешен амбасадор, Денко Малески.

„Проектот толку важен за здравјето на нашата демократија, наречен 'Специјално јаво обвинителство', со кој треба да се утврди веродостојноста на содржината во објавените снимки за злоупотребата на власта од страна на високи државни функционери, не е измислен во Македонија. Тој е само формално прифатен од нашата власт под директен и силен притисок од страна на САД и на ЕУ. Таков притисок ќе биде потребен и за да продолжи со својата работа. Имено, опструкциите со кои се сочуваат специјалните обвинители, од страна на еден систем на владеење кој има распоредено свои луѓе во сите ешалони на судската власт и ширум државните институции, се од таква големина што, без надворешна поддршка, е незамислив успех. Посетата на високиот функционер на Стејт департментот, ја гледам токму во овој контекст: да се откочи закочениот процес на утврдувањето на вистината“, смета Малески.

Ваквите прогнози не се случајни. Специјалното обвинителство вчера соопшти дека се соочува со опструкции од судот, но и од повеќе институции - Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, Единицата за заштита на сведоци при МВР, Општина Битола, одредени министерства, Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во исто време, граѓани секојдневно протестираат пред Уставниот суд поради неговата одлука да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за помилување, стравувајќи дека таа постапка може да резултира со одлука која на претседателот на државата ќе му даде право да помилува лица осудени за изборен криминал.

Да се спроведат обврските

Што носи Хојт Ји во дипломатската актовка? Според поранешниот амбасадор Нано Ружин, главната порака до партиските лидери ќе биде да го почитуваат дадениот збор. Тоа го очекува од Ји, како добар познавач на политичките состојби, еволуции и менталитети на балканските политичари, функционер кој десетина години поминал низ дипломатските претставништва на Балканот, помеѓу Подгорица, Загреб и Солун, од 2002 до 2013 година.

USA Victoria Nuland
Викторија НуландФотографија: picture-alliance/dpa

„За време на преговорите, благодарение и на придонесот на Викторија Нуланд, тогашниот премиер Груевски го потпиша Договорот. Меѓутоа она што е поважно, е неговото спроведување во дело“, вели Ружин.

„На лидерите ќе им стави отворено до знаење дека 'дадениот збор треба да се почитува'. Дека се должни да ги почитуваат одредбите од Договорот, во поглед на реформите на правосудството и владеење на правото; да го олеснат функционирањето на СЈО, а не да го попречуваат со помош на партизираните правосудни органи; да се создаде демократски амбиент кој ке претпоставува објективно информирање и рамномерна застапеност на партиите во медиумскиот простор; да отпочне одвојувањето на партискиот од државниот апарат“, прогнозира Ружин.

Имајќи ја предвид високата репутација на Уставниот суд во САД, Ружин смета дека посебно ќе биде разгледано прашањето околу политичките манипулации во домашниот Уставен Суд, преку пораки кои ќе укажат дека не смее да се дозволи претседателот да стане инструмент за амнестија на криминал.
„Пред заминување, Ли ќе им даде до знаење на лидерите дека САД ја ценат улогата на Македонија во справување со бегалската криза и дека го ценат американско-македонското пријателство, но пред се ја ценат демократијата, слободата, владеењето на правото, независноста на правосудството, како најзначајни параметри за евроатланските интеграции“, смета Ружин.

Високиот функционер на Стејт департментот важи за човек кој длабоко ги скенира и познава проблемите во регионов. Неофицијално, според дипломатски извори, неговата посета на Скопје треба да даде силен поттик за придвижување на реформските процеси, за кои е оценето дека не се во застој, туку во процес на драматично назадување, и тоа не само споредено со внатрешните прилики во земјата, туку во споредба со регионот.