1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде е кинескиот милијардер?

Џун Јан/Хао Гуи/сн12 декември 2015

Гуо Гуангчан,кинески милијардер кому му се отворени вратите на кинеските и на западните лидери, наводно исчезнал. Можна причина е наводната вмешаност во корупциска афера.

https://p.dw.com/p/1HMO0
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Во седиштето на берзата во Хонг Конг во петокот (11.12.) стигна известување од концернот Фосун Интернешанл Лимитед да се запре со тргување на неговите акции и акциите на неговите фирми ќерки. Образложение нема, само пишува: „Ќе биде објавен извештај со интерни информации.“

Соопштението го потпиша Лианг Синјун, потпретседател на Управниот одбор на Фосун. Но каде е неговиот шеф Гуо Гуангчанг, кој во Европа е познат под прекарот „кинески Ворен Буфет“?

48-годишниот Гуо е најбогатиот Кинез. Американскиот магазин Форбс неговиот приватен имот го процени на 6,9 милијарди американски долари- со тоа тој се наоѓа на 191. место на листата на најбогати луѓе во светот.

Во друштво на Меркел и Оланд

Во 1992. година Гуо по студиите во Универзитетот Фудан во Шангај заедно со тројца колеги го основаше концернот Фосун на чие чело е од 1994. година. Во сопственост на концернот, меѓу останатите, се фирми за недвижности, трговија и производство на лекови. 21 компанија на Фосун е застапена на берзата. Според кинеските статистики, концернот годишно остварува добивка во висина до 30 насто од вкупниот промет. На Фосун во Германија му припаѓаат модниот бренд Том Тејлор и традиционалната банка Хаук и Ауфхојзер во Франкфурт. Во Португалија има дел во осигурителната компанија Фелидаде, во Италија во модниот концерн Рафаеле Карузо, а во Канада во светски познатиот циркус Сирк ди Солел- тоа се само неколку примери.

Guo Guangchang Chairman der Fosun International Ltd. Ma Huateng
Фотографија: picture-alliance/dpa

Освен тоа, Гуо е член на Одборот на германско-кинеска економија. А во разговорот со германската канцеларка Ангела Меркел и нејзиниот кинески колега Ли на крајот на октомври во Кина, Гуо го најави свој зголемен ангажман во културната размена меѓу двете земји. Во ноември е забележено дека појадувал со францускиот претседател Франсоа Холанде. Но каде е сега?

Шпекулации за корупција

Официјални информации нема, но на интернет кружи фотографија на која наводно се гледа Гуо придружен од четворица полициски службеници во цивилна облека на аеродромот во Шангај.

Тој еднаш веќе „исчезна“ во 2013. година. Тоа го тврдеа кинескитете медиуми кои известија дека му е забрането патување во странство. По тоа нагло падна вредноста на акциите на неговиот концерн. Гуо подоцна објасни оти шпекуланти намерно ја прошириле лажната вест за исчезнувањето за да ги купат поповолно неговите акции.

Во 2015. година за Гуо и неговиот концерн почна да се интересира кинеското државно обвинителство. Во Кина во моментов се води жестока борба не само против корупција во политиката туку и против сомнителни финансиски трансакции. Името на Гуо се појави во пресудата на еден друг менаџер, Ванг Зонган, во август 2015. година.

Ванг беше шеф на една државна компанија во Шангај и според мислењето на судот ја „злоупотребил својата функција во полза на концернот Фосун“. Гуо наводно продал два стана на родителите на Ванг по цена помала за 60 отсто од вообичаената на пазарот. Ванг поради корупција е осуден на 18 години затвор. Но Фосун негираше дека го подмитил.

Ако Гуо навистина се наоѓа во рацете на полицијата, се’ уште е неизвесно дали е приведен како сведок или осомничен.