1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кабинетот на Иванов тврди дека Шкариќ ја манипулира јавноста

БГ/дв13 јануари 2015

Кабинетот на Иванов го демантира тврдењето на професорот Шкариќ дека македонскиот претседател од него добил совети да стави вето на некои закони

https://p.dw.com/p/1EJWX
Фотографија: MIA

Кабинетот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја демантира изјавата на професорот Светомир Шкариќ дадена за ДВ во денешниот текст „Професорското не е спротивно на државничкото“ во која тој тврди дека во повеќе наврати го советувал Иванов да стави вето на некои законски решенија, но тој тоа го одбил. Во кабинетот на Иванов велат дека се „непријатно изненадени од ваквата изјава на Шкариќ“.

„Најодговорно тврдиме дека проф. Светомир Шкариќ ниту еднаш, во каква било форма или начин, не укажал, не предложил, не доставил, ниту пак советувал за неуставноста на кој било закон донесен во времето додека ја извршуваше должноста советник за уставни прашања на претседателот Иванов, како надворешен стручен соработник“, се наведува во дописот од кабинетот на Иванов.

Дополнуваат дека запис за таква реакција од професорот Шкариќ не постои ниту во архивата на претседателот на државата.

„Оттаму, остануваат нејасни мотивите за изјавата на проф. Шкариќ која е апсолутно неточна и лажно ја информира јавноста во Република Македонија. Кабинетот на претседателот на Република Македонија смета дека не доликува на универзитетски професор да лаже и да ја манипулира јавноста“, се наведува во демантот од кабинетот на македонскиот претседател.