1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И ти си Германија, Али!

Фолкер Вагенер/превод:БГ9 јануари 2015

Нападот во Париз е пресвртница и тест и за германското општество. За да се мине тој тест потребно е активно учество и на муслиманите. Тие треба да се заложат за Германија, смета Фолкер Вагенер

https://p.dw.com/p/1EHuk
Фотографија: Getty Images/Sean Gallup

Бруталниот напад во Париз стигна до Германија во најнезгодно време. Од Дрезден низ целата земја се шири една нејасна исламофобија со непогрешливо остар, дури и расистички тон. Од сите луѓе, простоумните учесници на собирите на движењето Пегида се оние кои сега се чувствуваат оправдани во својата ирационална и паушална критика на Исламот. Без сомнение, нешто ни претстои. Им претстои на политичарите, заедниците, наставниците, новинарите, луѓето во јавната служба или на луѓето кои едноставно сакаат да се инволвираат кога ќе почувствуваат нелагодност во општеството.
Секако, Германија како држава и општество денес е во постабилна ситуација, одошто нашите француски соседи. Немаме колонијална историја во муслиманскиот свет како Французите, нашата економија е постабилна, а невработеноста пониска, а предградијата на Берлин, Франкфурт или Минхен во ниту еден случај не се толку суб-културно поделени како оние во Париз или Марсеј.
И за разлика од некогаш големата Франција која со години се бори со тешка идентитетска криза, нам Германците ни успеа во истото тоа време да изградиме една позитивна концепција за себеси. Накусо: Франција боледува од тешка болест, од глава до петици, додека Германија страда од мала вртоглавица наречена Пегида.

Долгата сенка на историјата

Споредбата на францускиот Национален Фронт (НФ) со Пегида ја прави јасна таа разлика. Францускиот ксенофобичен НФ е десно-радикална партија со 25 проценти од гласовите, на исто рамниште со германските социјалдемократи. „Патриотски Европејци“ (Пегида) од Саксонија се мала провинциска сликичка. Фала му на Бога, Пегида не е политичка партија, па нема ниту општествена легитимација. Но како што вели старата поговорка: доколку десно-радикални партии влезат во парламентите на Франција, Британија или Италија со двоцифрена поддршка, луѓето во тие земји не се ни приближно толку исплашени како кога во Германија некоја ксенофобична минорна група ќе се појави во срцето на земјата. Како поинаку да се објасни тоа што водечките медиуми во Париз и Лондон покажуваат голем интерес во малата Пегида со недели? Историјата, и тоа важи и денес, фрла долга сенка.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер ВагенерФотографија: DW

Последното нешто што ни е потребно сега е нападот врз Шарли Ебдо да ги окуражи овие луѓе кои се неспособни да ја видат разликата меѓу терористите инфицирани од самопрокламираната Исламска држава и нашите соседи Турци. Она што сега е потребно е голем напор на социо-политичко ниво- особено од политичките партии кои го претставуваат мнозинството од гласачите.

Вториот дом на германските муслимани

И околу 4. милиони муслимани во Германија ја делат одговорноста за мирот во општеството. Дури и покрај тоа што, според последните анкети, околу 90 проценти од муслиманите со германски пасош ја поддржуваат демократијата како форма на владеење, патриотизмот кон земјата во која живеат, работат и ги школуваат своите деца, е помалку забележлив во секојдневниот живот. Имигрантите во САД секогаш поцврсто се врзувале кон својот втор дом. Вистина е дека подготвеноста на Германците да ги прифатат и интегрираат мигрантите не е толку висока како во Северна Америка, еден класичен имигрантски континент. Но на долг рок, постојаното латентно непријателство кон Исламот или генералното отфрлање на странците во Германија нема да им помогне на германските муслимани.

Повикот на муслиманските заедници да се излезе на улиците на протест против она што се случи во Париз е убедлив сигнал. Контра-движење на собирите на Пегида и вистински гест на солидарност, демонстрација на единство со Германија и нејзиниот правен систем. Сето тоа на линија со повикот на Џон Ф. Кенеди од 1961 година: „Не прашувајте што може државата да стори за вас- прашајте што вие можете да сторите за вашата земја“.