1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И во кризата Фолксваген се проширува!

Јохен Фагет/З. Јордановски12 ноември 2015

И покрај скандалот со манипулацијата на издувните гасови, Фолксваген ги проширува погоните во Португалија - со државна помош. Оти, таму концернот е меѓу најважните работодавачи и обезбедувачи на девизни приходи.

https://p.dw.com/p/1H45f
Фотографија: DW/J. Faget

Антонио Кора, наместо да монтира автомобили или како претседател на Советот на претпријатието да преговара со неговите шефови околу платите на вработените, мора да го брани својот работодавач од потсмевот на пријателите. „Ние со тоа немаме никаква врска, тоа го сторил некој во Германија“, постојано укажува тој, потпрен врз шанкот од омиленото му кафуле „А вида е бела“ („Животот е убав“) - токму спротивно од она низ што сега проаѓа Антонио.

Неговите колеги вградија дизел-мотори со измамничкиот софтвер во илјадници автомобили од моделите Широко, Еос и Шаран, кои се произведуваат во погонот Аутоеуропа во Португалија и се извезуваат во цел свет. „Моторите ги добиваме комплетни и се разбира дека ништо не знаевме за софверите“, тврди Антонио Кора. И покрај тоа, од примерно претпријатие Фолксваген и во Португалија стана кривец.

Portugal VW Betriebsratsvorsitzende Antonio Chora
Антонио КораФотографија: DW/J. Faget

Фолксваген го движи португалското стопанство

Фолксваген сепак е некој вид мотор на португалската економија: погонот во Палмела, место јужно од главниот град Лисабон, создава еден процент од бруто домашниот производ на земјата. Таму се вработени 3500 луѓе, за него работат 1000 лиферантски фирми - многу од нив во Португалија. Аутоеуропа е е трет по големина извозник и обезбедувач на девизи во Португалија. Криза во претпријатието веднаш му создава тешкотии на португалскиот премиер.

Фолксваген вети дека во Португалија ќе инвестира 670 милиони евра. Веќе по малку застарената фабрика треба да биде проширена и модернизирана. Но, уште никој не знае кои модели, ниту колку автомобили ќе се прават таму откако ќе престане производството на старите модели на Шаран и Еос. „Фабриката веќе сега има слободни капацитети и всушност ние би требало уште годинава да почнеме да монтираме сосем нов модел. Се надевам дека ова ќе се промени наредната година“, вели Кора.

Фолксваген опстојува врз своите планови, повеќе од тоа не може да се каже, велат лаконски од португалското министерство за економија. Таму веројатно нема да се постави прашањето за враќање на субвенциите, оти скандалот со софтверот за моторите нема врска со погонот во Португалија, а ќе се провери дали ќе има доплата на данок поради повисоките нивоа на издувни гасови (оти данокот се утврдува врз основа на вредностите на издувните гасови - н.з.).

Portugal Setubal Hafen VW Export
Фотографија: DW/J. Faget

Голема помош од буџетски средства

Во Португалија Фолксваген добива обилна државна помош и субвенции. Аутоеуропа, основана во 1991. година, десет години беше ослободена од плаќање данок, а со даночни и со пари од ЕУ беше изградена и скапата инфраструктура - од железнички приклучок, до пристаниште.

Поради проширувањето на фабриката сега мора да се прошири и пристаништето. „Ние инвестираме три милиони и со Аутоеуропа склучивме сопствен договор за негово користење“, со задоволство кажува Витор Калдериња, директор на пристаништето. Парите повторно ќе ги платат Португалија и ЕУ.

„Секако дека Фолксваген, поради своето економско значење, ги диктира правилата на играта“, констатира Жоан Дуке, професор на економскиот универзитет ИСЕГ. Но, вели, предностите за земјата имаат поголема тежина отколку субвенциите и даночните подароци. Нему само му пречи доминацијата на Фолксваген: „На Португалија не и’ треба само една фабрика Аутоеуропа, туку повеќе такви. Тогаш би било полесно да се преговара“.

Portugal Wirtschaftswissenschaftler Joao Duque
Жоан ДукеФотографија: DW/J. Faget

Загриженост во Палмела

Владата и за ова проширување во противпотег му вети на Фолксваген нови даночни повластици во милионски износи и тоа помина без поголеми протести и од нејзините политички противници. „Кога толку големи претпријатија нема да го добијат она што го сакаат, тие едноставно си одат на друго место“, свесен е и професорот Дуке.

Тогаш во Палмела работите би стоеле многу лошо. „Пред да дојдат Германците, овде владееше голема невработеност, дури и глад“, се сеќава Антонио Кора. Фолксваген создал добри и добро платени работни места и луѓето во регионот живеат подобро. Сето тоа не би требало да биде ставено на коцка само оти грст криминалци ги манипулирале моторите, вели претседателот на Советот на претпријатието.