И без вработени загубарите неатрактивни
7 септември 2014Посебно проблематичен е ОХИС, за кој и покрај тоа што е без работници и исчистен од долгови нема интерес. По еднократната отпремнина што ја добија работниците од страна на Владата со законот за материјално обебзедување на стечајните работници и технолошки вишок во фирмите со доминантна државна сопственост, во некогашниот гигант се останати смо педесетина работници, кои се грижат за имотот:
„Тоа беше за ОХИС, а и за ЕМО едно изнудено решение со цел да се скрати агонијата на вработените на фирмите кои немаа никакви примања, ниту пак здравствена заштита. Неминовно беше тоа да се случи, зашто се зголемуваше бројот на неисплатени плати и плус проблемите со здравственото осигурување. Изнудено решение, а дека се реши трајно статусот - тоа не! Точно, се реши за дел кои го исполнија законскиот услов и добија трајно право од 7.100 денари до пензија, за разлика од помладите кои земаа само надоместок и сега се без работа или се социјални случаи. Ако некогаш се наметнуваше прашањето од поединци во структурите кои треба да решаваат дека проблем е бројот на вработени, еве ОХИС сега нема вработени, исчистен е од обврски, а од друга страна, пак, немаме потенцијален сериозен инвеститор“, коментира за Дојче веле Пеце Ристески претседател на синдикатот за енергетика индустрија и рударство.
Ни плата, ниту струја
За разлика од ОХИС, за кој нема најава за нов обид за продажба, делови од охридски ЕМО се интересни за инвеститорите. Така барем неодамна изјави премиерот Никола Груевски, според кого две германски компании биле заинтересирани да почнат производство во поголем дел од погоните на овој исто така некогашен гигант. Наспроти ваквите најави, од синдикалната организација на ЕМО се скептични дека решението е на повидок.
„ЕМО може да се рестартира само кога ќе ’умре’. Халите во моментов се празни, освен во три делови за производство на трансформатори, каде работат двесте луѓе со речиси минимален капацитет, и уште 35 во АД ЕМО. Сите сме скептици. Можат да им ги дадат халите на некои инвеститори, да им ги издадат под наем, но не можат да го рестартираат произвидството, туку можат да почнат своја дејност, но под какви услови не знаеме. Кој и да дојде ќе добие хали и готова инфраструктура. Машините веќе одамна ги нема во погоните. Што беше вредно го однесоа извршителите, Се’ уште не ни е понудено ни план, ни програма, ни намена. За нас е клучно да рабтиме, да ни ги подмират обврските и заостанатите плати. Тие што останавме во АД ЕМО не сме зеле плата од април 2012. Постојано тужиме и добиваме извршни решенија, но ништо. Мора да не згрижат, не сме седнати да разговараме, никој не го интересира што се случува во ЕМО, а се’ се уништува. Еве, како последно, и струјата ни ја исклучија во фабриката“, изјави за Дојче веле Драган Молкоски, претседател на синдикалната организација на АД ЕМО.
Владата со надежи и очекувања
Од Владата сепак не губат надеж. Според планот за четирите фирми загубари, во најповолна позиција е „Тутунски Комбинат Прилеп“. Од Министерството за економија велат дека договорот со „Филип Морис“ за стратешко партнерство е потпишан, а во наредниов период ќе следи оперционализација по одделни сегменти и поддоговори.
За ЕМО-Охрид, од аспект на процедура, се очекува започнување на нова постапка за продажба на овој загубар, при што комплетната документација е доставена до Владата. За „Еурокомпозит“ се очекува да оди на повторна продажба, а со оглед на тоа што е финализирана новата проценка, предусловите се исполнети за подготовка на нов тендер, велат од министерството. Единствено за ОХИС нема никакви најави. Проценката според надлежните е направена, веројатно ќе треба да следи уште една конверзија на акциите/капиталот, па дури потоа Владата да донесе одлука за распишување на нов тендер. Но, засега најави за нова продажба нема. Дополнителен проблем според упатените е што за евентуалниот нов газда обврска ќе биде да им исплати 24 заостанати плати на работниците. Со оглед на технолошката кондиција во која се наоѓа ОХИС, синдикатот смета дека тоа не треба да претставува проблем.
„За еден капацитет, макар и половично да се рестартира, заостанатите плати не би требало да бидат проблем за ниту еден инвеститор. ОХИС можеби има во дел застарена технологија, но неговите довчерашни производи и тоа како се конкурентни на пазарот и има интерес за нив. Од програмата на ОХИС во Македонија се увезуваат производи во вредност од десетици милиони евра, што се прекинати да се произведуваат во ОХИС, што значи дека има капацитет. Така што тие три или четири милиони евра не мислам дека се проблем и сигурно работниците ќе се договорат да им се исплатат на неколку пати“, вели Ристески.
Во очекување на решение фирмите загубари постојано таложат милионски загуби, што се покриваат со буџетски пари. Државата во меѓувреме ги претвори долговите на загубарите во траен влог, но само сопствените побарувања, а не и оние на вработените и останатите доверители.