1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исчезна симбол за холокаустот во Дахау

Ивета Ондрускова/ А.Трајковска4 ноември 2014

Во поранешниот концентрационен логор Дахау крај Минхен е украдена историската врата на која пишува „Работата ослободува“. Ова не е првпат крадци да одземат симбол на холокаустот.

https://p.dw.com/p/1DgVg
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

Низ таа порта во Дахау за време на националсоцијализмот секојдневно влегуваа затвореници во концентрациониот логор. Затоа таа се смета за централен симбол за страдањата на затворениците. Циничниот натпис „Работата ослободува“ важи за пример за претставувањето на нацистичката пропаганда како безопасна и за незамисливата болка на затворениците во концентрационите логори. Тој се поврзува со уништувањето на милиони луѓе.

Сѐ уште нема трага од сторителите

Надлежната криминална полиција трага по крадците. Во моментов истражните органи сметаат дека во делото се вмешани повеќемина сторители. Украдената црна железна врата е голема и тешка, таа најверојатно била транспортирана со возило. Во споменикот Дахау нема видео-камери, просторот 24 часа го обезбедува фирма за безбедност. Меѓутоа просторот е голем.

Сторителите најверојатно го искористиле времето меѓу контролните патроли на персоналот задолжен за безбедност, смета полицијата. „Истражуваме во сите правци. Не се исклучуваат ниту сторители со неонацистичка позадина ниту екстремен колекционер“, вели портпарол на полицијата.

KZ Dachau Arbeit macht frei Schriftzug wurde gestohlen Kombobild
Пред и по кражбатаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Gebert

„Напад врз сеќавањето“

Раководителката на споменкот - концентрационен логор Дахау, Габриеле Хамерман, изјави дека ова било досега „најтешкиот напад врз имотот на објектот на споменикот“. Директорот на фондацијата Баварски споменици, Карл Фрелер, оцени дека е ова „срамно дело“. Кражбата била „Напад врз духовното срце на споменикот“ вели баварскиот министер за култура Лудвиг Шпенле. Тој е уверен дека делото имало „идеолошки мотивирана позадина“.

Исто така и раководителот на споменикот - концентрационен логор во полски Аушвиц, Пјотр Цивински, ја осуди кражбата. „Ова е напад врз еден симбол, напад врз сеќавањето“, вели Цивински и дополнува: „Историјата на националсоцијалистичките концентрациони логори почнува во Дахау“. Таму биле поставени основите за Аушвиц и другите логори на смртта.

Модел на нацистички логор за уништување

Дахау во целиот свет е симбол за злосторствата на националсоцијализмот. Адолф Хитлер беше само неколку недели на власт, кога во март 1933 година во малата општина Дахау, северно од Минхен, беше создаден првиот германски концентрационен логор. Тој стана модел за голем број подоцна подигнати концентрациони логори.

Во Дахау прво беа апсени политичките противници на нацистичкиот режим, подоцна следуваа криминалците, Синтите и Ромите, хомосексулаците и пред сѐ Евреите. Затворениците способни за работа беа ангажирани како принудни работници во изградба на улиците или во јамите за чакал, а по почетокот на војната пред сѐ во индустријата за оружје.

Befreiung aus dem KZ Dachau 1945
Ослободување на концентрациониот логор Дахау од американската армија, април 1945-таФотографија: Keystone/Getty Images

Од 1933 до 1945 година во Дахау беа затворени повеќе од 206.000 луѓе од цела Европа. Повеќе од 41.000 не го преживеаја теророт и принудната работа - речиси толку колку што градот Дахау има жители. Затворениците на концентрациониот логор Дахау беа ослободени на 29 април 1945 година од армијата на САД. На тој ден во логорот се наоѓале 32.335 луѓе.

Споменикот во поранешниот концентрационен логор беше подигнат во 1965 година, 20 години по ослободувањето. Многу луѓе во Дахау страдаа поради тоа што името на нивниот град засекогаш ќе биде поврзано со незамисливите злодела. Со децении на пример бремени жени порадо се породуваа во болниците во Минхен, за во изводот на родените на децата да не стои Дахау како место на раѓање.

Слична кражба во Аушвиц

Во декември 2009 година крадци по налог на шведските неонацисти го украдоа натписот „Работата ослободува“ од влезната порта во поранешниот германски концентрационен логор Аушвиц во Полска. Нивното дело предизвика негодување во целиот свет. Крадците го исекоа натписот во три дела и го закопаа во шума. Три дена подоцна беа уапсени повеќе сомнителни лица. Налогодавачот во Шведска потоа беше осуден на речиси три години затвор.