Истрага против раководството на германските Зелени
20 јануари 2022Берлинското обвинителство започна истрага против раководството на германската партија на Зелените, вклучувајќи ги и новиот вицеканцелар Роберт Хабек и министерката за надворешни работи Аналена Бербок, поради исплата на бонуси за пандемијата во минатата зима. Постои „почетно сомнение за проневера“, изјави портпаролот на берлинското јавно обвинителство, Мартин Штелтнер. Според него, станува збор за најниско ниво на сомнение. Причина за тоа биле „неколку претставки“ од приватни лица, истакна Штелтнер кој со тоа ги потврди пишувањата на неделникот Шпигел. Претходно и од партијата на Зелените потврдија дека е започната истрага против сојузниот извршен одбор.
Во прашање е улогата на партиското раководство во одобрување на „корона бонусот“ од 1.500 евра по лице за вработените во централата на партијата и на самите лидери. Бонусот требало да ги надокнади непријатностите предизвикани со работењето од дома и за реновирање на зградата на партијата.
Во шестчлениот сојузен извршен одбор на Зелените се и лидерите Роберт Хабек и Аналена Бербок. Хабек е актуелен германски вицеканцелар и за министер за економија и заштита на животната средина, а Бербок е министерка за надворешни работи во владата на канцеларот Олаф Шолц.
Двајцата ќе се повлечат од раководството на партијата подоцна месецов, бидејќи се на министерски позиции.
Внатрешните партиски ревизори веќе поставија прашања во врска со исплатата на бонусите за членовите на извршниот одбор.