Источниот брег на САД без струја и под вода
30 октомври 2012Во текот на ноќта кратко по 1 часот по средноевропско време, центарот на супер бурата „Сенди“ удри на американскиот брег на југот од Њу Џерси. Со брзина на ветрот до 140 километри на час ураганот го зафати курсот, кој претходно го предвидоа метеоролозите.
50 милиони луѓе на североистокот на САД претходно веќе 20 часови се бореа со силни врнежи од дожд и ветер. Денеска подобрување се очекува дури во текот на вечерните часови. Три милиони Американци останаа без струја. По должина од повеќе од 1.000 километри по брегот од Мејн на северот до Северна Каролина на југот, ураганот нанесе голема материјална штета и уништување на крајбрежјето. Во внатрешноста на земјата пак во Вест Вирџинија и Охајо, каде тропската бура се спои со зимска бура паднаа големи врнежи од снег и леден дожд.
Претседателот го предводи кризниот менаџмент
Американскиот претседател Барак Обама ги прекина сите предизборни термини и му се посвети на кризниот менаџмент. „Не сум загрижен какво влијание ќе има Сенди врз изборите“, рече Обама. „Загрижен сум какво влијание бурата ќе има врз нашите семејства и нашите спасувачки сили“.
Во текот на ноќта ситуацијата драматично се влоши во њујоршките населби Лонг Ајленд, Квинс и Менхетн. Делумно поплавите изнесуваа и преку четири метри. Во Менхетн водата продре во подземната железница, а поплавена беше и њујоршката берза. За првпат по 1888 година берзата во американската метропола, мора да биде затворена најмалку два последователни дена поради невреме.
И во другите големи градови на североистокот на САД денеска јавните институции, училиштата и повеќето продавници ќе останат затворени.
Храбра акција на крабјрежната спасувачка служба
Драма на отворено море се одвиваше и пред брегот на Северна Каролина. Бродот изграден за холивудскиот филм „Бунт на бродот Баунти“ потона во Атлантикот. 16 члениот екипаж прво го напушти бродот во чамците за спасување. Во спасувачката акција со хеликоптер Ден Тод од екипата спасувачи успеа да извлече 14 луѓе од разбрануваните води. „По спасувањето на шест лица се заморив“, изјави Тод, „но тогаш акцијата продолжи кон другиот спасувачки брод каде се наоѓаа уште тројца“.
Една жена која подоцна беше спасена, почина во болница, а како исчезнат се’ уште се води капетанот на бродот.
За други храбри спасувачки акции, Америка ќе слуша наредните денови. Уште сега „Сенди“ се смета за бура на столетието. А една недела пред изборите, ураганот „Сенди“ ги фрли претседателските избори во сенка.