Историска титула за Португалија и Роналдо
10 јуни 2019Репрезентацијата на Португалија ја победи селекцијата на Холандија во Порто во финалето на Лигата на нации со 1:0 и ја освои титулата во првото издание на новоформираниот престижен натпревар.
Голот кој одлучи за влез во историјата ги постигна напаѓачот на Валенсија Гонсало Гедеш во 60-тата минута.
Домашната селекција во голем дел од натпреварот беше подобра, а на Лалињата не им помогна ни тоа што ја имаа топката повеќе во свој посед.
Се редеа шанси пред голот на Јаспер Силесен, Португалците двапати бараа и пенал, а на крајот голот на Гедеш го одлучи натпреварот.
Најдобра шанса за Холанѓаните имаше Џорџио Вајналдум во 57 минута на асистенцијиа од Мемфис Депајо, но Руи Патрисио го одбрани шутот на играчот на Ливерпул.
За најдобар играч на најмладиот натпревар под закрила на УЕФА, е прогласен Португалецот Бернардо Силва.
Португалците за триумф во првото издание на Лигата на нации заработија 7,5 милиони евра, а поразените Холанѓани еден милион помалку. Историскиот прв шампионски пехар во Лигата на нации беше прославен пред градското собрание на Порто.
Од балконот на собранието шампионите им се обратија на навивачите. Суперѕвездата Роналдо [им се заблагодари] на фановите и порача: „Без вашата поддршка овој успех не ќе беше возможен“
Инаку Португалија во полуфиналето беше подобра од Швајцарија 3:1, додека Холандија до решавачкиот меч стигна по триумфот во продолженијата со идентичен резултат во дуелот со селекцијата на Англија.
Во мечот за трето место Англија по подоброто изведување пенали беше подобра од Швајцарија, а јунак беше голманот Џордан Пикфорд.