Истанбул: Најголем дел од жртвите се Германци
12 јануари 2016Во самоубиствениот напад во Истанбул, што се случи пред Сината џамија, загинаа најмалку десет, а повредени се 15-тина лица. Агенцијата ДПА, повикувајќи се на неименуван претставник на турската влада, јави дека меѓу жртвите најмалку 9 се германски државјани. Канцеларката Ангела Меркел, во Берлин потврди дека меѓу повредените и загинатите најверојатно има германски државјани.
„Многу сме загрижени дека меѓу жртвите и повредените би можело и најуверојатно има и германски државјани“, изјави Меркел во Берлин. Според досегашните информации, најверојатно станува збор за германски туристи. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер оцени дека станува збор за „кукавички акт на терор“, кој германската влада најостро го осудува.
Експлозијата се случи денеска околу 10 часот и 18 минути во европскиот дел на Истанбул, во квартот Султанахмет. Пред Сината џамија секојдневно има илјадници туристи. Досега никој нема преземено одговорност за нападот. Според турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган нападот го извршил „атентатор самоубиец со сириско потекло“. Премиерот на Турција Ахмет Давутоглу свика кризна седница на Националниот совет за безбедност, на која ќе присуствува и шефот на турската тајна служба Хакан Фидан.
ЕУ денеска изрази солидарност со Турција. „Го осудувам бруталниот терористички акт во Истанбул“, напиша претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, на Твитер. Шеф-дипломатот на ЕУ, Федерика Могерини, соопшти дека ЕУ и Турција „се обединети во борбата против сите форми на тероризам“.