1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламската држава - нов безбедносен предизвик за БиХ

С. Хусеиновиќ/Б. Георгиевски27 септември 2014

По почетокот на воздушните напади врз Исламската држава, и БиХ се соочува со нови предизвици. Улогата на оваа земја во коалиција, сепак, не е баш јасна.

https://p.dw.com/p/1DJbT
Фотографија: picture alliance/AP Photo

С.О. од Зеница загина пре неколку дена во Сирија како припадник на т.н. Исламска држава. Таа информација наводно ја објавиле членовите на неговото семејство на социјалните мрежи. Се наведува дека С.О. бил убиен во борби со Курдите во градот Ајнул Араб во сириската покраина Алепо.

С.О. е еден од најмалку 20 граѓани на БиХ кои го загубија животот на Блискиот Исток војувајќи на страната на ИД. Според неофицијални податоци, од БиХ во Сирија отишле околу 200 мажи и жени за да се борат во редовите на екстремистите. Професорот на сараевскиот факултет за политички науки Владо Азиновиќ, по неодамнешното апсење на 16 лица во акцијата „Дамаск“, вели дека босанските припадници на ИД се безбедносна закана против која е тешко да се борите само со „криминализација и полициска репресија“.

„Неопходно е да се развијат контра-наративи, да се засили улогата на семејството, социјалните служби, образовните институции, медиумите, верските заедници, за на еден 18-годишник да не му биде попривлечно да замине во Сирија - земја која веројатно не знае да ја покаже ниту на карта, туку да го побара своето место и иднината во оваа земја“, вели Азиновиќ.

Радикалните групи не смеат да се игнорираат

Откако Исламската држава на својата карта на „калифатот“ ја смести и БиХ, земјата се најде на листата на држави кои се вклучени во глобалната антитерористичка коалиција против ИД. ИД потоа ги повика своите симпатизери ширум светот да ги убиваат граѓаните на земјите кои се дел од коалицијата. По нападите врз позициите на ИД, безбедносните закани добија нови димензии, вели професорот за безбедност Неџад Ахатовиќ.

9/11 Autor Vlado Azinovic
Владо АзиновиќФотографија: Samir Huseinovic

„Радикалните групи во БиХ и пред појавата на ИД и сојузничките напади во Сирија беа безбедносна закана која не смее да се игнорира. Тоа го потврдуваат и терористичките напади врз полициската станица во Бугојно и врз амбасадата на САД во Сараево. Последните апсења во акцијата 'Дамаск' и заплената на оружје укажуваат на фактот дека безбедносниот систем на БиХ воглавно функционира во рамки на државните граници. Но, борбата против тероризмот е глобално прашање, а доказ за тоа е и што заканите ни пристигнуваат и од Блискиот Исток“, вели Ахатовиќ.

Но, улогата на БиХ во меѓународната антитерористичка коалиција е магловита, со оглед на тоа што нема официјална потврда на државните органи за учество на БиХ во глобалната акција против терористите на ИД. Во таа смисла, соседите на БиХ се поконкретни. Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ јасно кажа дека Хрватска нема да испраќа војска против ИД, но дека во политичка смисла е дел од антитерористичката коалиција. Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ вети поддршка во борбата против „радикалниот ислам“, појаснувајќи дека Србија и’ припаѓа на алијансата за борба против тероризмот во светот, „вклучително и против ИД“.

Превенција и репресија

Професорот Армин Кржалиќ од сараевскиот Центар за безбедносни студии тврди дека БиХ можеби и не е толку моќна на глобален план, но не смее да остане надвор од глобалните антитерористички движења.

Bosnien Razzia Polizeiaktion gegen Islamisten 03.09.2014
Рација на босанската полиција против исламски екстремистиФотографија: picture alliance/AP Photo/Amel Emric

„Борбата против ИД не треба да се заснова врз лаги и предрасуди. Таа треба да се заснова на превентивни и репресивни мерки. Превентивните подразбираат елиминирање на условите и мотивите кои наведуваат одредени луѓе и групи да и се придружуваат на ИД. Репресивните мерки би требало да ги запрат ѕверствата и активностите кои ИД ги спроведува. БиХ може да даде придонес во превентивните мерки со кои, меѓу другото, би се оневозможила регрутацијата на луѓе за странски боишта“, вели Кржалиќ.

Меѓународната антитерористичка коалиција ја предводат САД и членките на Арапската лига, а мнозинството земји-членки официјално дадоа изјави за пристапување кон глобалното движење против т.н. Исламска држава.