Иран ги јакне позициите во атомскиот спор
5 декември 2010Првиот човек на иранската атомска програма, Али Акбар Салехи, денеска соопшти дека иранските научници ги пренеле првите количества на суров ураниум од домашно производство во нуклеарната постројка каде што ќе започне процесот на производство на атомска енергија. Станува збор за концентрат на ураниум, кој е основна суровина за производство на збогатен ураниум и се нарекува „жолт колач“.
„Првите количества од ’жолтиот колач’ од градот Бандар Абас се депонирани денеска во нуклеарниот капацитет во Исхафан. Целиот процес го надгледува Меѓународната агенција за атомска енергија“, рече претставникот на Иран во Агенцијата, АлиАкбар Салехи, на конференција за новинарите во Техеран.
Иран независен во целиот циклус на произвотво на атомска енергија
Иран претходно користеше „жолт колач“ купен од Јужноафриканската република во седумдесетите години минатиот век. Денешната најава ја демонстрира одлучноста на Иран за напредување во нуклеарните амбиции.
„Тоа значи дека Иран стана независен во целиот циклус на производство на нуклеарно гориво, почнувајќи од истражувањето, потоа рударските ископувања, претворањето на собраниот ураниум во ’жолт колач’, па се’ до негово збогатување и претворање во енергија“, изјави Салехи.
Западот се сомнева дека Иран сака да произведе нуклеарно оружје, додека Техеран тврди дека нуклеарната програма е исклучиво за цивилни цели.
Силна реторика, ниски очекувања
Денешната објава на иранските власти се случува само еден ден пред планираните разговори во Женева меѓу претставниците на петте земји постојани членки во Советот за безбедност на ОН и Германија и иранските претставници, на кои треба да бидат разгледани проблематичните прашања околу спорната иранска атомска програма.
Дводневната средба е прва од ваков вид по повеќе од една година. Европски дипломати воочи состанокот порачаа дека тоа е важна средба на која се чекало долго време. Но, аналитичарите сметаат дека и покрај силната реторика, не треба многу да се очекува од неа.
Автор:СН/ТТ/дв/ртре
Редактор: Трајче Тосев