Иранско оружје за Хамас
25 август 2014Техеран сака да ги вооружува Палестинците „забрзано“, а освен тоа „си го задржува правото на секаков вид одговор“, соопшти воената авијација на иранската Револуционерна гарда.
„Она што ционистите (Израел) го прават во Газа е нечовечки геноцид. Затоа исламскиот свет денес мора да го изрази единствено својот отпор и омраза“, изјави иранскиот претседател Хасан Рохани (на насловната фотографија во средина) во петокот (22.08). Рохани, на маргините на антиизраелски демонстрации во Техеран, додал дека во конфликтот со Израел нема дипломатски излез, туку постои само патот на отпор. По неговиот умерен курс, дури и во изјавите, ваквите оценки на Рохани се толкуваат како промена на иранската политика.
Пред неколку недели иранското раководство првпат експлицитно се изјасни за вооружување на радикално-исламската палестинска организација Хамас и нејзините сојузници од Исмалски џихад, со што тие би можеле од Појасот Газа да гаѓаат цели во Израел со ракети.
Вчера, Иран соопшти дека соборил израелско беспилотно летало кое, како што се тврди, навлегло во иранскиот воздушен простор. Според наводи на иранската Револуцинерна гарда, беспилотното летало било погодено од ирански ракети непосредно пред да стигне до атомската централа Натанс, во централниот дел на земјата. Медиумите во Техерен му дадоа широк публицитет на собореното израелско летало, додека локалните телевизиски станици прикажуваа остатоци од соборениот авион, но на ниту една снимка не можеше да се видат ознаки кои ќе потврдат дека навистина станува збор за израелски авион.
Израел засега одбива да коментира и ниту ги потврдува, ниту пак ги демантира обвинувањата од Техеран. Портпарол на израелската армија во Тел Авив вчера изјави само дека Израел не се изјаснува по странски медиумски извештаи.
Израел се чувствува загрозен од иранската атомска програма. Таа земја и Западот од Иран долго време бараат целосно откажување од развој на атомско оружје. Техеран постојано негира дека работи на атомско оружје и тврди дека има право на мирнодопско користење на атомска технологија. Во моментов се во тек преговори меѓу Техеран и групата од пет земји со право на вето во ОН плус Германија околу надминување на спорот.