Иранската тајна служба планирала киднапирање Американка
14 јули 2021Државното обвинителство во Њујорк подигна обвинение против четворица соработници или информанти на иранската тајна служба поради планирано киднапирање на американска активистка за човекови права. Тие планирале да ја грабнат Американката со иранско потекло во њујоршкиот кварт Бруклин и да ја однесат во Иран, каде како на критичарка на иранскиот режим ѝ се заканувал кривичен прогон, соопшти Министерството за правда на САД.
ФБИ ги осуетила плановите
Четворицата осомничени се наоѓаат во Иран, а петто лице кое живее во Калифорнија, е обвинето за помош во финансирање на намерата. Федералнта полиција ФБИ навремено го осуетила планот. Секој американски граѓанин има право на користење на слободата на мислење и на ангажирање за човековите права, без притоа да мора да стравува од странски тајни служби, изјави Обвинителството.
Обвинетите уште од 2018 начини биле во потрага по начин како нивната жртва да ја намамат во трета земја и оттаму да ја одвлечкаат во Иран. Подоцна го надгледувале станот на новинарката, за што ангажирале приватен детектив за да ја шпионира.
Американското министерство за правда не ја именуваше активистката која требало да биде киднапирана. Но, според медиумите, станува збор за авторката и активистка Масих Алинеџад. Таа преку нејзиниот верифициран Твитер-профил објави неколку коментари и извештаи, во кои се означува себе си за цел на планираната киднапирачка акција. Во подоцнежен твит, таа го обвини иранското раководство на чело со досегашниот претседател Хасан Рохани како одговорни за планираната ација.