Индустрокултура - паркови и фабрики, споменици на културата
17 август 2020Две столетија Рурската област во покраината Северна-Рајна-Вестфалија беше само симбол за рудници. Длабоката поврзаност на областа со јагленокопот се отсликува и во нејзиното второ име - „рурски казан“(Ruhrpott), при што се мисли на казан со кој се пренесувал јагленот. Јагленокопот со децении ја „експлоатираше“ не само подземно оваа област, туку ја загадуваше и животната средина. Сѐ до осумдесеттите, кога индустријата на јагленокопот дојде во криза и пропадна. Тогаш природата почна пак да го освојува просторот што ѝ го беше одзела индустријата. Околу урнатините на фабриките почнаа да никнуваат шуми и ливади.
Но, ни тогаш никој не ќе поверуваше дека од тажната слика на распаднатите фабрики во осумдесеттите ќе се роди нов поим во естетиката - „индустрокултура“! Денес речиси целата Рурска област е огромен парк со скулптури, музеи, галерии, театри, ботанички градини и фабрики - споменици на културата. Сето тоа изникна меѓу урнатините на пропадната индустрија. Уметнички скулптури станаа самите распаднати индустриски зданија од челична конструкција. Во годините во кои тие стоеја напуштени, во нив почна да се создава особен биотоп. Околу урнатините растеа булки, а дивата винова лоза се свиваше околу ‘рѓосаните метални конструкции, создавајќи нова симбиоза на природата и индустриската архитектура. Архитектите, уметниците, историчарите на уметноста веднаш препознаа во новосоздадената состојба на старите фабрики шанса за нов вид култура. Најголемиот број од индустриските зданија, изградени на крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век беа прогласени за споменици на културата. Така тие беа спасени од уривање и преобразени во простори на културата. Денес тие се живи сведоштва за индустриската архитектура, сочувани делумно само како полуурнатини. Заштитени и континуирано конзервирани токму во таа состојба.
Благодарение на заштитата и преобразбата на индустриските комплекси во уменички простори, денес Рурската област не е повеќе симбол за јагленокопот, туку за особената симбиоза од култура, уметност и природа. Слоганот „Kultruhr“ го рекламира овој особен бренд на Рурската област. Порано само симбол за фабрики и работнички станбени колонии, таа денес е огромен музеј на „индустрокултурата" (Industriekultur). Сѐ започна со естетската преобразба на напуштениот рудник во Хам (Hamm) – „Maximilianzeche“. Од него во 1984-тата настана „Паркот Максимилијан“ (Maximilianpark). Првиот чекор беше отворањето на тамошниот запустен простор од 22 хектари на една од изложбите на хортикултурна уметност – Landesgartenschau, кои во покраината се одржуваат континуирано на различни места. Тие се многу значајни за преобликувањето на некогаш безличните градски простори во паркови, богати со уметнички дела и детски игралишта. Хортикултуристи, градинари и архитекти, со многу труд и фантазија, компонираат во ливади, градини и паркови недефинирани површини среде метрополите, или на периферијата. Тоа е една од причините зошто во Северна Рајна Вестфалија има многу паркови. Од хортикултурниот парк, кој од април до сепрември 1984-та беше пристапен како изложба во просторот околу рудникот Максилијан, подоцна настана „Паркот Максимилијан“. Во него главна атракција е „Стаклениот слон“ (Glaselefant), уметнички објект на познатиот архитект, Хорст Релеке од Дуизбург, кој во голема мера придонесе за преобразбата на Рурската област во „култна“ уметничка сцена. Зданието на главната зграда на јагленокопот, тој го преобрази во монументална скулптура. Зданието, кое и во првобитната форма малку потсетуваше на слон, тој го преобрази во јасна фигура на слон. Со тоа што старата градба ја дополни со метално-стаклена конструкција, која ја претставува главата и долгата сурла на слонот. Старото здание е телото. „Стаклениот слон“ е инвентивна симбиоза од индустриска функционалност и модерна естетика. Необичниот слон е и скулптура и архитектура, оти во него може да се влезе.
Тоа што настана 1984-та со хортикултурната изложба, континуирано се дополнува и развива до ден-денес. Секоја година различни уметници ги компонираат на нов начин парковите, ливадите и шумите во големиот парк. Во густото зеленило, старите фабрики делуваат артифициелно, особено кога се илуминирани во ноќта. Тие се реликти од археологијата на индустриската ера, која долго копаше по јаглен под земјата, за да остави над земјата урнатини, кои денес ја раскажуваат приказната на рудниците низ формата на необичен парк. Во него се пренаменети во уметнички простори и некогашната електроцентрала и работилницата. Сите се сведоштва за рудничката архитектура и се заштитени како споменици на културата.
Други колумни од авторката:
Чеховска меланхолија за Македонија
Ладната лубеница и магијата на скопското лето
„Паркот Максимилијан“ во Хам е само првата станица во „Културорутата“ (Kulturroute) на „индустрокултурата“ во Рурската област. Тој се нарекува и „зелена училница“, затоа што им служи на учениците како учебник по ботаника на отворено. Таму тие ја запознаваат природата, разновидноста на нејзините растителни видови и нивната убавина во непосреден контакт со билките, ливадите и градините. Паркот е зелена сцена за уметноста, културата и педагогијата. Со слични проекти, во последните години беа преобразени неброени индустриски региони во Рурската област, во која веќе со години рудниците беа затворени. Сега во Дуизбург или Гелзенкирхен можете ноќе да учествувате на необичните уметнички сеанси, во кои, со факел в раце, можете да минувате крај старите фабрички згради, кои познати европски уметници секоја година различно ги илуминираат, создавајќи од челичните конструкции особени шарени композиции. И некогашните рудници станаа атракција за граѓаните од целата покраина. Туристички водичи ги водат низ подземните ходници и им ја раскажуваат приказната на рударството, кое е дел од социјалната и културна традиција на Рурската област.
Извонреден пример за „индустрокултурата“, кој докажува дека за преобразбата на старите фабрики во естетски објекти треба само многу фантазија и визија, е квартот Шталхаузен (Stahlhausen) во Бохум (Bochum). Тамошната прочуена „Хала на столетието“ (Jahrhunderthalle) била изградена 1902-та како хала за презентација на локалното индустриско здружение. Зданието потоа било со децении користено како фабричка хала. 2003-тата, по проект на двајца архитекти, Карл-Хајнц Пецинка и Томас Пинк, халата беше санирана и доградена. Кон „старата дама" беше додадена модерна доградба. „Халата на столетието“ во Бохум е културно-историско сведоштво за функционално-техничките градби од почетокот на векот. Денес од неа настана модерен естетски простор во кој нема само галерии, концертни хали и театри, туку и лизгалиште.
Секако, во сите проекти за уметничка преобразба на старите индустриски простори во Рурската област, учествуваа многу германски уметници. Во некои индустриски паркови на културата и денес има ателјеа на уметници, кои постојано нудат изложби. И Гелезенкирхен е еден од рурските градови кој се збогати со култура токму со пренамената на некогашните фабрики. Таму некогашниот индустрински канал, познатиот Рајна-Херне-Канал (Rhein-Herne-Kanal) беше претворен во модерен комплекс, кој нуди ново доживување на индустрискиот дизајн во симбиоза со природата, познат под името „Нордштернпарк“ (Nordsternpark). Тој настана околу рудникот „Нордштерн“ (Nordstern). Високите индустриски кули станаа туристички кули, од кои се отвора восхитувачки поглед врз околината. Од вештачките езера, кои порано служеа за преработката на јагленот, денес настанаа водени атракции. Секако, најголемата атракција во Нордштернпаркот е скулптурата на прочуениот германски уметник, Маркус Липерц - „Херкул од Гелзенкирхен“ („Herkules von Gelsenkirchen").
Крајно време е и македонските архитекти, уметници, естетичари и историчари на уметноста да го презентираат пред македонската јавност искуството на „индустрокултурата“ во Рурската област. Така тие би ја поттикнале политиката да финансира проекти за преобразба на урнатините од поранешните социјалистички фабрики и рудници во атрактивни паркови на уметноста и природата. Таква визија и фантазија е насушно потребна за загадената околина околу Скопје. Во тоа секако треба да се вложат финансиски средства, но многу повеќе желба, труд и фантазија. Како и одговорност пред споменот на генерациите на нашите татковци и мајки, кои ги градеа тие фабрики. Кога тие веќе не работат, барем нека почнат во нивните урнатини да цутат булки и розмарин, лаванди и миризливи треви. Какви чудесни паркови би настанале во и околу македонските градови, кога таа визија би станала заедничка за повеќе луѓе! Дали некогаш ќе се разбранува мрзеливото море во македонските политички умови, а кај уметниците, филозофите и историчарите на уметноста ќе се разбуди фантазијата - онаа што со векови ја поседувале нашите предци?