Индија и Пакистан остануваат вечни ривали
16 август 2011Двете нуклеарни сили, Индија и Пакистан, често се нарекуваат нееднакви браќа. Индија е голема и сјајна и почитувана во светот. Пакистан е мала, непопуларна и изолирана земја.
Индија се бори за местото постојана членка на Советот за безбедност на ОН. Во изминатите години земјата бележеше просечна стапка на економски раст од близу 8 проценти и многумина ја сметаат за супер-сила на иднината.
Пакистан, меѓу набљудувачите, важи за „неуспешна држава“, без државна контрола и засолниште на екстремисти и терористи. Примерот на Осама Бин Ладен тоа најдобро го покажа.
Двата традиционални противници водеа три војни, две од нив за спорната територија Кашмир. Но, нерешениот спор околу Кашмир е само еден од проблемите кои ги оптоваруваат односите меѓу двете земји.
Кој ќе го контролира Авганистан во иднина?
До 2014 година, САД планираат да се повлечат од Авганистан. Имајќи предвид дека Вашингтон нема голема доверба во својот најважен сојузник во борбата против тероризмот - Пакистан, се очекува да дојде до нови проблеми во односите меѓу Индија и Пакистан, прогнозира политичкиот аналитичар од Лахоре, Саџад Назир. Двете земји, вели Назир, планираат да го искористат заминувањето на американските трупи за да учествуваат во обликувањето на новите односи во регионот.
„Најважниот заеднички именител на Индија и Пакистан е тоа што и кај двете владее голема сиромаштија. Само откако ќе завладее мир може да дојде до напредок. Развојот се темели на трговија. Затоа мора повеќе внимание да се посвети на билатералните односи, тие мора да се подобрат и не смеат да зависат од надворешните случувања“, вели Назир.
Нападите врз индиската метропола Мумбај во 2008 кои ги извршија пакистански терористи ги уназадија и онака заладените односи.
Според наводите на индискиот министер за финансии Пранаб Мукхерџи, трошоците за одбраната на земјата во следната година ќе изнесуваат 37 милијарди американски долари, што е зголемување за 11 проценти во однос на минатата. Ниту Пакистан не заостанува многу во тој поглед. Пакистан во моментов ја има седмата најголема армија во светот според бројот на активниот состав.
Најмногу трпи економијата
Поради политичките проблеми меѓу двете земји трпи и економската соработка, не само меѓу Индија и Пакистан, туку и во поширокиот регион на Југоисточна Азија. Желбата да се формира поширока слободна трговска зона која би ги опфаќала и соседните Непал, Бутан или Шри Ланка не може да се реализира во актуелната ситуација. Исто како и укинувањето на визите меѓу двете земји, кои се на сила повеќе од 25 години.
Според експертката за Југоисточна Азија од Институтот во Њу Делхи, Савита Панде, сето тоа е жално затоа што во суштина двете земји имаа добри културни врски. Така на пример, во Пакистан се многу гледани индиските „сапунски опери“ или филмовите од Боливуд. Во Индија, пак, на цена е пакистанската Урду поезија.
И голем број политичари од двете земји имаат корени од другата страна на границата. Индискиот премиер Манмохан Синг и поранешниот пакистански претседател Первез Мушараф, меѓу другите.
Затоа многумина се надеваат дека по црното минато, можеби ќе следува посветла иднина.
Автор: Прија Еселборн/Ансари Амир/Борис Георгиевски
Редактор: Трајче Тосев