Редот на Мајка Тереза осомничен за продажба на бебиња
17 јули 2018Сите регионални влади во Индија добија инструкција „веднаш да извршат инспекција во сите домови за згрижување деца кои ги раководи црковната организација 'Мисионери на милосрдието' низ целата земја“, се наведува во соопштението на индиското министерство за жени и деца. На почетокот на месецов полицијата затвори еден дом за немажени мајки во провинцијата Џарканд поради сомнеж за трговија со деца. Една калуѓерка и вработен во домот беа уапсени и обвинети дека продале пет бебиња за неколку илјади долари.
Активистите велат дека големата побарувачка за посвојување во Индија довела до илегални шеми кои вклучуваат и случаи на бебиња и деца кои се продаваат преку мисионерски центри.
Министерството ветува остри акции
Министерството најави дека сите институции за детска помош мора да бидат регистрирани и поврзани со сојузните власти за посвојување до крајот на следниот месец. Иако и сега е обрзувачка регистрацијата на сите такви организации, Министерството вели дека 4.000 центри се уште не го комплетирале процесот. Раководителката на државната комисија за заштита на деца во Џарканд, Арти Куџур изјави дека државата формирала тимови кои треба да ја испитаат состојбата во сите домови, и се надева дека извештајот ќе биде на располагање следниот месец.
„Доколку пронајдеме домови кои функционираат илегално, ќе преземеме остри акции“, изјави Куџур за Ројтерс.
Од основањето од страна на Мајка Тереза во 1950 година, Мисионерите на милосрдието формираа стотици институции и неколку домови за немажени и бремени жени низ цела Индија.
Мајка Тереза ја доби Нобеловата награда за мир во 1979 година, а папата Франциско ја прогласи за светица во 2016.