1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли чаре за Украина?

ЕМФ/ард/ртр11 март 2014

Меѓународната заедница и натаму прави напори за дипломатски излез од кризата во Украина. Но, успех засега нема. Уште една седница на СБ на ОН, петта по ред во последните 10 дена, заврши без резултат.

https://p.dw.com/p/1BNAU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ситуацијата на Крим се влошува од ден во ден, констатираше францускиот амбасадор во ОН Жерар Аро. Тој ја предупреди Русија да не го припојува Крим. Таквите планови се опасни. Москва треба да пристапи кон преговори, оцени Аро.

Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, на седницата на Советот за безбедност на ОН само повторил дека неговата земја има историска одговорност за полуостровот, информираше Аро.

Соборениот украински претседател Виктор Јанукович за денеска (11.03.) најави повторно соопштение. Тој себеси се‘ уште се гледа како претседател на земјата. Според медиумски извештаи, Јанукович се наоѓа во рускиот град Ростов на Дон.

UN-Sicherheitsrat zur Lage in der Ukraine
Фотографија: Getty Images

Обама и натаму води интензивни разговори

Во личните телефонски разговори на американскиот претседател Обама, тој и натаму се обидува да постигне мирно решение за конфликтот. Во разговорот со шпанскиот премиер Маријано Рахој, Обама го пофали заедничкиот став на ЕУ и САД кон кризата. Двајцата го оценија планираниот референдум на Крим за припојување кон Русија како спротивен на уставот.

Во телефонскиот разговор со казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбајев, Барак Обама го охрабри својот соговорник да се вклучи активно во потрагата по мирно решение на кризата, соопшти Белата куќа.

Штајнмајер на Балтикот

Außenminister Steinmeier in Estland 11.03.2014
Штајнмајер со естонскиот колега ПаетФотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер е во посета на Балтичките земји. Тој во Талин денеска рече дека ЕУ радо би избегнала конфронтација со Русија, но ќе мора да подготвува мерки доколку Москва не ја спушти топката.

„Ако викендот не донесе видлива промена на рускиот став, тогаш Европскиот совет в понеделник ќе разговара за наредниот степен мерки“, изјави Штајнмајер во Естонија и додаде: „Ние не сакаме конфронтација, но потезите од руска страна, за жал, не‘ приморуваат да се подготвуваме во насоката која сега ви ја соопштив“.

Трите држави на Балтикот, кои се инаку поранешни советски републики, се застапници за преземање санкции против Русија.

НАТО испраќа Авакси

И Полска и Романија се вознемирани поради безбедносната состојба во регионот. Затоа НАТО испраќа Авакс-авиони за набљудување во двете земји. Овој чекор е дел од напорите на НАТО „да ја следи состојбата во Украина“, изјави претстваник на воената алијанса. Аваксите ќе стартуваат од германски Гајленкирхен и британски Водинготн.