1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли СПД противкандидат за Меркел?

Јенс Турау Превод: З.Јордановски7 април 2015

Кој ќе се осмели во 2017 година да настапи против Ангела Меркел? СПД не сака сега да се занимава со тоа прашање. Токму затоа има најразлични шпекулации, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/1F3Cr
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/AP Photo/C. De Luca

На шефот на СПД (Социјалдемократската партија на Германија, н.з.) Зигмар Габриел не може многу нешто да му се забележи - тој е многу присутен во јавноста, како и секогаш. Дава интервјуа, ги истакнува успесите на СПД во големата коалиција (со ЦДУ/ЦСУ, н.з.) - минимална саатнина, квота за жени во раководствата на големите концерни. Патуваше во Саудиска Арабија и таму предупреди на почитување на човековите права. Го посети и центарот за образование на самохрани родители; никој не може да му префрли дека не се грижи за класичната клиентела на СПД.

Германците ја сакаат Ангела Меркел

Но, што донесе сето тоа? СПД и во најновите анкети е на иста позиција, на која, се добива чувство, како да е со години: 24 проценти. ЦДУ (Христијанскодемократската унија, н.з.) на чело со Ангела Меркел е далеку напред, на 41 процент. Германците ја сакаат Ангела Меркел ( на насловната фотографија сликана за време на одморот по повод Велигденските празници), таа е на чело и на листата на најомилени политичари. На земјата во целост погледнато, и’ оди чудесно. Така треба и да продолжи. Не е на повидок крај на ерата на Меркел.

Поради тоа најновата анкета за тоа, кој треба да и’ се спротивстави на изборите за Бундестагот по двеипол години , дава слика која СПД ја тера во депресија: 61 процент од испитаниците сакаат да продолжи Меркел, веќе сега „вечната“ канцеларка. А кој има кај СПД најдобри шанси за победа? На прво место министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, кој меѓутоа еднаш веќе доживеа убедлив пораз од Меркел. Во него веруваат 36 проценти од испитаниците, а 25 во Габриел - шефот на партијата. Отрезнувачки за големата стара СПД.

DW-Mitarbeiter Jens Thurau
Јенс Турау, автор на коментаротФотографија: DW/D. Engels

Поради тоа Габриел не ги прими вистински релаксирано прашањата што неодамна му беа поставени во круг на новинари - дали СПД воопшто ќе излезе со свој кандидат во 2017, дали не би било подобро директно да конкурира како јуниор партнер на партиите на Унијата?

Некој мора да биде предизвикувач

Всушност, тој мора да биде кандидат. Тој во 2013 веќе беше шеф на партијата, кога му даде предност на Пер Штајнбрик, кој потоа исто како и Штајнмаер, убедливо загуби против Меркел. Штајнбрикденовиве самиот ја означи како грешка својата тогашна кандидатура. Ако сега Габриел не ја стави самиот главата в торба, не ќе може понатаму да остане шеф на партијата, се зборува на политичката сцена во Берлин. Но, исто така ни по некој убедлив пораз.

Можеби пред избирачите ќе излезе Мартин Шулц . Сериозно? Оваа гласина пред некој ден ја објави „Билд-цајтунг“. Претседателот на Европскиот парламент минатата година имаше добра предизборна кампања и сепак тесно загуби од конзервативецот Јункер, сегашен шеф на Европската комисија. Но, тесни порази во ушите на многу социјалдемократи звучат речиси каки искри на надеж.

Постојано нови гласини

Некој од набљудувачите наводно наслушнал дека Мануела Швезих, министер за прашања на семејството и младите, треба да биде стилизирана во идна раководна фигура на СПД. И на оваа шпекулација, како и на другите, во СПД реагираат само со кисела насмевка. Веќе одамна низ весниците се провлекуваат и имињата на Ханелоре Крафт (покраински премиер на Северна Рајна Вестфалија, која меѓутоа се декларира дека не сака да се кандидира) и на Олаф Шолц (градоначалник на Хамбург, кој таму се чувствува многу добро) - што не ги прави многу поверојатни како кандидати.

Останува само една голема надеж за СПД: на Меркел да и’ се здосади и да не сака да продолжи по 2017 година. Тогаш за Унијата (ЦДУ/ЦСУ) веројатно би настапила Урсула фон дер Лајен, што за СПД би била значително поголема шанса. Но, тоа не изгледа мнофу веројатно. Значи, остануваат тажните времиња за СПД...