1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

291110 Kasachstan OSZE

1 декември 2010

Денеска и утре (1. и 2.12.) се одржува првиот самит на Организацијата за безбедност и соработка во Европа по цели 11 години. Домаќин е земјата-претседавач со ОБСЕ, Казахстан.

https://p.dw.com/p/QLmr
Фотографија: AP

Самитот во Астана треба гордо да го означи крајот на едногодишното казахстанско претседателствување со ОБСЕ. На крајот на краиштата, Казахстан е првата поранешна советска република, што го доби ротирачкото претседателство со Организацијата за безбедност и соработка на Европа. Таквата одлука, уште од самиот почеток, беше оспорувана. Централноазиската држава веќе е мета на меѓународни критики, поради тоа што систематски ги прекршува човековите права и затоа што претседателот Нурсултан Насарбајев практикува авторитативен стил на владеење. Сепак, Волфганг Целнер, експерт за ОБСЕ при Институтот за мировни студии и безбедносна политика на универзитетот во Хамбург, смета дека одлуката претседателството да му се додели на Казахстан била исправна:

„Ако Казахстан не беше избрана за земја-претседавач, ќе дојдеше до мошне сериозна, можеби дури и егзистенцијална криза во ОБСЕ. Тоа ќе покажеше дека за претседавачи се избираат само земјите-членки на ЕУ и НАТО, или, пак, оние кои веќе аплицирале за прием.“

Казахстан ги спровел сопствените гледишта

Kasachstan Außenminister OSZE
Министерот за надворешни рбаоти на Казахстан: Земјата го презеде претседателството на 14.01.2009 годинаФотографија: AP

Виола фон Крамон не го дели истиот став. Пратеничката од Партијата на Зелените во германскиот Бундестаг е истовремено и член на Парламентарното собрание на ОБСЕ и доста трезвено го резимира казахстанското претседателство. Според неа, земјата не ја оправдала довербата што и` била доверена:

„Казахстан ги спроведе сопствените интереси и тежишта, кои не се поклопуваа со тие на западните земји. Мислевме дека е можно да дојде до одредени внатрешнополитички реформи, во областа на човековите права, слободата на изразување на мислењето, слободата на печатот... Меѓутоа, развојот отиде во сосема спротивен правец, ситуацијата стана уште покритична“, истакнува Крамон.

Токму човековите права играат голема улога на самитот во Астана. Освен тоа, на првиот самит на шефовите на држави и влади на 56 земји-членки на ОБСЕ по цели единаесет години, се зборува и за верските слободи; авганистанскиот проблем; идната структура на кризниот менаџмент на ОБСЕ; како и надгледувањето на мерките за разоружување.

Казахстан не е единствениот, кој се соочува со критики. И самиот ОБСЕ со години се наоѓа пред реторичкото прашање: колку е ефективна таа организација и дали нејзиното постоење се` уште има смисол?

Автор: Естер Бродерс / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска