1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изјавите од Атина - доказ за ветото во Букурешт

22 март 2011

Изјави на грчки политичари кои говорат за вето во Букурешт се главниот аргумент на адвокатите на Македонија пред Судот во Хаг, каде денеска (22.03) продолжи расправата по тужбата на Скопје против Атина.

https://p.dw.com/p/10fTT
Фотографија: MIA

Грција ја прекрши Привремената спогодба од 1995 година со тоа што стави вето на македонското членство во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година, тврдеа претставниците на македонската страна на денешниот втор ден од усното презентирање на аргументите пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Правниот тим кој ја застапува Македонија се обидува да го убеди судот дека Атина го прекршила членот 11 од спогодбата, со кој и‘ се овозможува на Македонија да бара членство во меѓународни организации под привремената референца и без противење на Грција.

Во прилог на ваквото тврдење професорот по меѓународно право од американскиот универзитет „Џорџ Вашингтон“, Шон Марфи наведе редица изјави на високи грчки политичари, кои во пресрет на самитот најавуваа вето за македонското членство доколку не се прифати промена на уставното име на земјата.

„Високи грчки функционери се фалат дека ставиле вето, со што се докажува дека Грција го спречила консензусот на НАТО“, рече Марфи. Според него, Грција водела отворени, систематски дипломатски напори за да го спречи македонското членство во НАТО.

Отфрлени грчките тврдења

Марфи ги отфрли грчките тврдења дека противењето на Грција на македонското членство во НАТО е резултат на немањето добрососедски односи и постоењето иредентистички закани.

„Нема докази за иредентизам денес, освен изјавите на Грција“, оцени Марфи.

Белгискиот правник Пјер Клајн ги отфрли тврдењата на Атина дека во Букурешт не било во прашање вето од една држава, туку заедничка одлука на лидерите на Алијансата.

„На крајот на денот важно е дали се исполнети условите за членство. Предмет на овој случај не е одлуката на НАТО, туку одлуката на Грција да го блокира членството на Македонија која била донесена пред Самитот во Букурешт. Блокадата била најавувана, дури имало и фалби на грчки политичари за тоа, што претставува прекршување на членот 11 од Привремената спогодба“, рече Клајн.

Anhörung zum Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland vor Internationalem Gerichtshof in Den Haag
Тимот кој ја застапува Македонија пред судот во ХагФотографија: MIA

Преговорите во ОН ќе продолжат

Македонскиот адвокатски тим го уверуваше судот дека идната одлука нема на ниту еден начин да влијае врз текот на преговорите за името меѓу двете земји кои се одвиваат под закрила на ОН. Од судот се бара со пресудата да ја обврзе Грција во иднина да го почитува членот 11 од Времената спогодба, со што на Македонија би и‘ се отворил патот за членство во евроатлантските организации, каде Атина е веќе членка.

Усното сослушување по тужбата на Македонија против Грција започна вчера со излагање на шефот на дипломатијата Антонио Милошоски. Македонската страна ќе финишира со изнесувањето на своите аргументи попладнево со излагањето на професорката Женевјев Бастид Бурдо.

В четврток и петок (24 и 25 март)своите аргументи ќе ги образложи грчкиот адвокатски тим. Одлуката на судот се очекува наесен.

Автор: БГ/миа/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема