Израел тестираше модерен систем за противвоздушна одбрана
22 јануари 2019Тестот на модерниот систем за противвоздушна одбрана е изведен во централниот дел на Израел во соработка со американската Ракетна одбранбена агенција, а учествуваа израелските воздухопловни сили, соопшти Министерството за одбрана во Тел Авив.
Стрела 3 се смета за следна генерација одбранбени системи способни да напаѓаат цели од големи далечини и висини и многу побрзо. Израелската војска сега го користи системот Стрела 2 кој е оперативен неколку години. Исто така, користи и стара верзија на Стрела 3 од јануари 2017 година.
Новиот систем кој во моментов се тестира, како што се очекува, ќе ѝ пружи можност на војската да се справи со многу посложени ситуации.
Првпат Израел успешно го тестираше системот Стрела 3 пред една година, но не користеше вистинска цел. Овој тест е прв успешен во кој Ероу 3 пресретна цел, наведуваат израелските медиуми.
Тестот е изведен откако во неделата израелски авиони бомбардираа ирански позиции во Сирија неколку часа откако израелскиот одбранбен систем Железна купола пресретна ракета која беше испалена од оваа соседна земја. Ракетата веројатно беше реакција на ракетниот напад врз аеродром јужно од Дамаск, кој му беше припишан на Израел.
Рускиот одбранбен контролен центар соопшти дека 4 сириски војници загинале, а 6 биле ранети во израелскиот напад, додавајќи оти сириската противвоздушна одбрана уништила над 30 крстосувачки ракети и бомби.
Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, наведе дека 11 борци се убиени во нападот, меѓу кои само двајца Сиријци.
Израелскиот воен портпарол, бригадниот генерал Ронене Манелис, рече дека иранските сили го извеле ракетниот напад кон Израел и оти проектилот бил од иранско производство.
По денешниот успешен тест на Стрела 3 министерството за одбрана на Израел порача дека тоа е голем пресврт во способноста на земјата да се брани од актуелните и идни закани во регионот.