Израел се согласи на дванаесет часа хуманитарно примирје
26 јули 2014Од израелската војска соопштија дека за време на примирјето трупите ќе продолжат да бараат тунели, кои биле користени од „милитантите“ и оти војската „ќе одговори ако терористите се обидат да го искористат ова време за да го нападнат персоналот на израелските безбедносни сили или доколку пукаат кон израелски цивили“. Војската ова примирје го нарече „хуманитарен прозорец во Појасот Газа“. Израелската војска ги повика Палестинците во Газа, кои претходно биле предупредени да ги напуштат домовите поради планирани напади, сега „да се воздржат од враќање“ во домовите.
Примирјето дојде на 19-от ден од вооружениот конфликт меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, во кој загинаа над 900 луѓе, а повредени се околу 6.000 лица.
Во бројката на загинати спаѓаат и 18 члена на една палестинска фамилија, кои животите ги загубија во израелски воздушен напад непосреднио пред примирјето да стапи на сила. Десет од овие загинати лица биле деца.
ОН, САД и Египет притискаат да се воведе седумдневно примирје. Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека разговорите за ова прашање продолжуваат.
Обединетите нации информираа дека 162.000 лица нашле засолниште во нивите прифатни капацитети, но и дека неколку од нив беа погодени за време на ракетирањето. Речиси половина од енклавата Газа е небезбедна за жителите. Хуманитарната ситуација во Газа е критична, бидејќи има недостиг од вода за пиење и лекови. Тешко оштетени се капацитетите за снабдување со електрична енергија и вода.
Медицински извори информираат дека вчера се погодени две болници во ракетниот напад, при што бил убиен болничар кој се обидувал да ги евакуира ранетите пациенти. Во последниве денови во израелските напади се погодени неколку болници. Израелската армија тврди дека Хамас оперира во близина на овие згради.