1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел повика 100 илјади Палестинци да се евакуираат

БГ/афп/миа16 јули 2014

Израелското бомбардирање на Појасот Газа продолжува, откако Хамас одби да го прифати прекинот на огнот според планот кој го предложи Египет. Нетанјаху се закани дека Хамас „ќе ја плати цената“.

https://p.dw.com/p/1Cdjm
Фотографија: Reuters

Израел продолжува со бомбардирање на Појасот Газа, откако Хамас го отфрли египетскиот предлог за примирје и истрела десетина нови ракети на израелска територија, при што загина еден Израелец. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека војската ќе ја прошири и интензивира операцијата во Газа откако Хамас го одби египетскиот предлог за примирје.

Израелската армија утрово испрати предупредување до околу 100 илјади палестинци во источниот дел на Газа да ги напуштат своите домови. Биле фрлани летоци со информации, а дел од жителите добивале и автоматизирани телефонски и текст пораки со барање да се евакуираат.

Еден Израелец е убиен во ракетен напад во близина на граничниот премин Ерец меѓу Израел и Појасот Газа, соопшти армијата. Одговорност за напад презеде военото крило на Хамас, Бригадите Изедин ал Касим. Жртвата, 38-годишен цивил, доставувал храна на војниците во областа, соопшти портпаролот на израелската служба за итни случаи.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека палестинското движење Хамас избрало да ја продолжи борбата и поради таквата одлука ќе ја „плати цената“. Откако Хамас го одби договорот за примирје Натенјаху истакна дека Израел против раководството на Хамас во Појасот Газа ќе употреби „голема сила“.

„Израел нема друг избор освен да одговори уште посилно“, истакна Нетанјаху во телевизиското обраќање.

Израел претходно го прифати египетскиот предлог за примирје и шест часа ги запре нападите, но ги обнови откако Хамас продолжи да ја рекетира израелската територија.