1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Сведоштва од Израел: „Се газеше преку тие што лежеа долу“

Тим Асман
30 април 2021

Сѐ почна радосно празнично, а заврши со масовна паника: На еврејскиот празник Лаг БаОмер во Израел загинаа најмалку 44 луѓе. Преживеаните раскажуваат за драматични сцени.

https://p.dw.com/p/3snsq
Israel Berg Meron Lag B'Omer Fest Massenpanik
Фотографија: David Cohen/REUTERS

Обиди да се избега од толпата со очајно корнење на ѕидовите од брановит лим. Ѕидовите поставени десно и лево од рампа ги притискале луѓето еден до друг. За многумина немало излез и можност за бегство. Она што требаше да биде радосен верски празник, сега, ден потоа, е една од најужасните цивилни кататсрофи во израелската историја.

До претпладнево властите јавија дека има повеќе од 40 жртви, меѓу нив, според медиумски извештаи, и деца. Околу 150 луѓе имаат повреди опасни по живот.

Weltspiegel 30.04.21 | Israel Massenpanik Lag Ba'Omer| Tableau
Десетици загинати и повредени во масовната паника на празникот Лаг БаОмерФотографија: Ayal Margolin/Xinhua News Agency/picture alliance

Паниката се ширела брзо

На тесната рампа со метална основа, поставена на влезот на местото кад  што се одржувал концерт, се создала паника која се проширила брзо, раскажува еден од преживеаните за израелската телевизија КАН: „Видовме како луѓето прво се туркаа еден преку друг, а потоа се газеше преку тие што лежеа долу. Кога го видов тоа, одлучив да бегам. Подоцна имаше евакуација и обиди за одржување во живот на луѓето.“

Луѓето биле притиснати и делумно прегазени до смрт. Еден од оние врз кои се газело, раскажува: „Чудо е што поминав речиси без повреди. Не знам зошто. Имаше толку многу луѓе врз мене. И постојано се трупаа нови. Сѐ додека полицијата не одлучи да ги тргне страничните ѕидови и да ги спаси луѓето. Траеше долго. Во меѓувреме лежев. Се сеќавам дека бев паднат врз некого, кој не дишеше.“

TABLEAU | Israel - Massenpanik in Mount Meron
Ултраортодоксни Евреи на местото на трагедијатаФотографија: Ronen Zvulun/REUTERS

Слики како по терористички напади

Спасувачките екипи велат дека сѐ наликувало како на моменти по терористички напади. Еден од спасувачите, кој се обидува да се соземе додека зборува, вели дека такво нешто не доживеал откако работи - десет години: „Имавме информација за повеќемина повредени. Мислевме дека се работи за луѓе во бессознание и пациенти кои ќе мора само да ги изнесеме оттаму. Кога пристигнавме, ситуацијата беше сосема поинаква. Имавме многу повредени, десетици лежеа, луѓе крвареа. Повредени беа и деца и возрасни. Многу потресни слики.“

Повеќе: „Несфатлива катастрофа“: Десетици загинати во стампедо во Израел

Одбележувањето на празникот Лаг БаОмер во северен Израел е едно од најголемите верски празнувања во светот. Еднаш годишно кај планината Мерон доаѓаат пред сѐ строги еврејски верници во знак на сеќавање на рабинот кој бил закопан во подножјето на планината. Се палат огнови, а верниците скокаат и пеат. Така било и вчеравечер во концертната арена во местото каде што се доаѓа на аџилак.

Поради пандемијата на корона пристап требало да имаат само 10 илјади луѓе, а според различни проценки, дошле околу 100 илјади верници. Притоа, ангажирани биле 5 илјади полицајци. На припадниците на безбедносните сили очигледно не им успеало да се справат со толпата посетители.

TABLEAU | Israel - Massenpanik in Mount Meron
Спасувачките екипи шокирани од она што го нашле на местото на несреќатаФотографија: Ayal Margolin/Xinhua News Agency/picture alliance

Тешки обвинувања на сметка на полицијата

Еден од сведоците во интервју упати тешки обвинувањата на сметка на полицијата: „Воопшто немаше комуникација. Полицијата подигна огради без да понуди можност за излез. Имаше само еден единствен влез. Вообичаено има повеќе огнови, но овојпат полицијата даде дозвола само за еден оган.“

Тоа довело до тоа при палењето на огнот да дојдат толку многу луѓе, кои имале само еден влез на располагање и ниеден излез. „Затоа луѓето умреа на ваков начин.“

Истрагата за точната причина за несреќата допрва почнува. Надлежниот шеф на полицијата веќе сега презема одговорност. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху зборува за ужасна катастрофа. Изрази на сочувство пристигнуваат од цел свет. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на Твитер напиша дека во оваа трагедија мислите се со жртвите и нивните блиски.